JCB 220X

Нешто сосема ново

Серијата „X“ на JCB во секој поглед постави нови стандарди кај багерите на гасеници од кои ќе профитира операторот преку новата ергономска кабина но и техничките сервисери преку едноставното оддржување и зголемените сервисни интервали

Цели четири години траеше развојот на багерот 220X. Во тој период развојните инженери детално ги испитуваа сите нови составни компоненти на машината. Притоа ниту еден детал од механиката, електриката, контролната електроника или хидрауликата не беше занемарен. Само да ги споменеме 15 илјади работни часови при кои машината беше изложена на жестоки стрес тестови, и веднаш ќе ни стане јасно како досегашните одлични машини можат да се унапредат и искачат на самиот технолошки пиедестал.

Нова геометрија

Багерот на тркала JCB 220X со својата оперативна тежина од 24.743 kg припаѓа на популарната класа на 20-тонски багери кои британскиот производител успешно ги пласира ширум светот. Но, новиот багер оди чекор понапред нудејќи целосно нова архитектура. Ширината на машината, во однос на својот претходник од класата, е зголемена на 270 cm (+20 cm), работната рака е сместена централно, а зголемената ROPS кабина (+15%) е структурно појачана при што сега и вратите служат како додатна заштита.

Централното сместување на работната рака му помага на операторот за подобар преглед при ископување на канали но исто така придонесува и кон подобро поднесување на ударите. Исто така, применетата архитектура овозможува полесно вградување на широки корпи но и полесно поднесување на ударите карактеристични за случаи кога е вграден чекан за рушење.

Вградениот мотор ги исполнува најстрогите еколошки норми, Stage IV/Tier 4 Final што автоматски значи и зголемена ефикасност и намалена потрошувачка. Инаку дизел моторот од серијата EcoMax е дело на домашните инженери, располага со 175 КС и се комбинира со врвна хидраулика која специјално за JSB ја испорачуваат јапонците од Kawasaki.

Операторот во средиште на конструкторскиот приоритет

Работното место на операторот претставува апсолутен новитет кој најверојатно ќе биде применуван кај сите идни машини со ознаките на JCB (Joseph Cyril Bamford).

Првенствено тука мислиме на пространоста на кабината но исто така и на нејзината извонредна изолираност. Ако претходникот во внатрешноста се слушаше со 73dB(A), кај новата генерација бучавоста е сведена на неверојатно ниските 68dB(A). Овој резултат е подобар дури и од многу возила од средната класа.

Потоа, и секако не помалку важно, новиот багер има и целосно нови команди. Сместени на десна та страна и групирани според интуитивна логика, тие овозможуваат лесно и исклучително прецизно управување со сите функции. Во набројувањето на новитетите подготвени за операторот ќе ги споменеме уште и одличната видливост овозможена од новиот дизајн на стаклените површини, и секако, седиштето кое за прв пат во една работна машина може да се грее но и да се вентилира.

За да се заокружи целата слика околу 100-процентната посветеност кон операторот ќе ги споменеме само уште и инфо екранот од 7 инчи, потоа серво командите кои се движат заедно со седиштето, новиот дизајн на педалите, … Всушност заеднички именител помеѓу старата верзија и новата изведба – нема. JCB 220X е конструирана со задача да го подигне нивото за еден (поточно, два) степеника над постојните решенија. Кога детално ќе се разгледаат сите компонентни се стекнува впечаток дека од сега па натаму ќе важат критериумите кои ги постваува токму новиот багер на JCB.

Примерна ефикасност

Сметајќи дека 20-тонските багери се срцето на секоја градежна операција, британскиот производител посветува големо внимание на ефикасното работење на новата машина. Иако на прв поглед работната рака и стрелата не се променети сепак хидрауликата ја прави разликата со преходниот модел. Имено, зголемениот пресек на водовите, при што е задржан истиот притисок, овозможува долговечност на хидрауличниот систем. Преку контролните вентили, кои ги испорачува Kayaba, операторот може да одбере два мода на работа на хидрауликата со што се постигнува поголема ефикаснот за дадената работна апликација, а воедно се намалува и дејството на прекумерните удари.

Носечката структура и понатаму е изведена во „X“ облик со таа разлика што сега самото заварување на челичната конструкција се одвива автоматски и под будното око на контролната електроника.

При конструирањето на багерот, 220X развојните инженери на JCB имаат земено во предвид над 1.000 барања од корисници од цел свет. Доволен доказ за сериозноста на пристапот при градење на оваа но и на сите следни машини кои ќе доаѓаат од JCB.