Komatsu 911

Комбајн за дрвја

► Шумите се белите дробови на планетата, но и значаен суровински извор на цивилизацијата. Без нив човештвото едноставно нема да може да опстане

Во време кога до нас пристигнуваат глобални предупредувања за менувањето на климата, грижата за шумите и нивното обновување добива примарно значење за опстанокот на еколошкиот систем на планетата. Сечењето на шумите било тоа да е масовно или селективно мора да биде направено плански и организирано со цел почвата не само да се ослободи од веќе остарените дрвја туку и побргу да се приспособи за нови насади. А со рачното сечење на шумите тоа е процес кој може да трае со децении. Шведска како земја која е покриена со 53% шума најдобро го илустрира значењето на ова – таму дури 97% од шумите се култивирани, односно вештачки пошумени, а само 3% природни. За да добиете подобра слика за големината на овие бројки треба да знаете дека Шведска е трета најголема земја во Европската Унија и има површина од 450 илјади квадратни километри, односно скоро двојно повеќе од цела Југославија и 18 пати од Македонија.

Komatsu Forest е еден од најголемите светски производители на шумски машини.
Основан е во 1961 година под името Umeå Mekaniska во истоимениот град на северот на Шведска и беше пионер во механизираната сеча на шумите. По серијата преземања и менувања на името од 2004 година е во состав на јапонската група Komatsu, вториот по големина светски производител на рударска и градежна опрема која се состои од дури 182 компании со повеќе од 46.000 вработени. Илјада и сто од нив работат во Komatsu Forest, кој со текот на годините има развиено повеќе високотехнолошки шумски машини. Дел од производството се одвива во Шведска, а дел во дел во Тенеси, САД. Интересно е и тоа што Komatsu Forest во соработка со универзитетот во Умеа развива интелигентни теренски возила способни за одреден степен на автономно движење низ шумите без возач во нив, а има развиено и виртуелен симулатор со кој се врши обука на операторите на шумските и други видови слични машини.

Пасијата за технологијата илустрирана со овие примери е пренесена и во производите на Komatsu Forest, од кои ќе ви претставиме еден од „комбајните за дрвја“, моделот 911. Како и другите производи на компанијата, и овој се одликува со високи производствени перформанси и квалитет од секој аспект. Тоа посебно се однесува на доверливоста, затоа што „работното место“ на машината е далеку од секаква цивилизација и секој застој предизвикува сериозни проблеми. Заради тоа и дневните сервиси се ретки, брзи и едноставни и се прават без отворање на хаубата. Стабилноста и агилноста кои се витални карактеристики за ваков вид машини ја обезбедува уникатната зглобна конструкција со шест погонски тркала, четири напред и две назад. Видливоста горе, долу и назад исто така е значајно битна и е обезбедена со термички и звучно изолираната и климатизирана кабина со загреван под и широкоградо застаклени површини која може да ротира за 360°. Поставена е над конструкцијата на задниот крај на предниот дел од шасијата со која е поврзана со специјалните цилиндри за стабилизација кои го обезбедуваат нејзиното самонивелирање и постојаната хоризонтална положба, што е битен фактор за продуктивноста.

За неа пак е задолжен уникатниот систем со 3 хидраулични пумпи кои со големо ослонување на информатичките технологии даваат способност во исто време симултано да се вршат повеќе операции, на пример подигнување на кранот, кастрење на стеблата и маневрирање со машината. Трансмисијата е хидростатска и обезбедува единствена оптимизирана интеракција меѓу моторот и системите за пренос и контролите. Исклучителната мобилност посебно на стрмни терени и големото растојание од тлото од дури 685 mm прават овој „комбајн на дрвја“ практично да биде незапирлив и како инсект да се пробива низ тукушто исечената шума. За безбедноста се грижат блокадите на сите диференцијали и четири мултидиск работни сопирачки, а за движење на уреден терен предните тркала можат да се дисконектираат од погонот при што машината постигнува брзина од 24 km/h.

Моќна и енергетски ефикасна, оваа машина претставува силен спој на продуктивноста, ергономијата и грижата за на околината, колку и тоа во овој случај да звучи цинично. За тоа е задолжен 6,6 литарски шестцилиндричен Tier 4 Final и Eu Stage 4 мотор со 228 KS и 950 Nm, а за проактивната ефикасност се грижи резервоарот за гориво во кој собира дури 385 литри. Долга е 7,37 метри, висока 3,77 и широка во зависност од тркалата и до 2,95 метри, а тежината и изнесува 17,6 тони. Дофатот во зависност од изведбата на кранот и е до 11 метри и може да биде опремена со осум типа глави за сечење стебла со дијаметар до 710 mm, кои со своите работни способности се приказна за себе. За крај, врвните карактеристики на изведбата ќе ги илустрираме со податокот дека предните тркала се опремени со перманентно подмачкувани лежишта, што кажува сé за степенот на посветеноста на нејзините конструктори кон деталите и долготрајноста на оваа машина.