Современа интерпретација на класичните решенија
Зглобниот камион, Komatsu HM300 има погон на сите тркала, моторот испорачува 332 КС, празен тежи безмалку 25 тона а може да понесе товар до цели 28 тона
Кога ќе се погледнат основните технички податоци, зглобниот камион на јапонскиот производител воопшто не отстапува од класичните изведби кои ги сретнуваме на големите рударски копови. Да, така е тоа на прв поглед. Но кога ќе се погледнат составните компоненти приказната добива нова, современа димензија. Поточно, при конструирањето на HM300 ниту една компонента не останала непроменета. Тој момент и не е претставува некој проблем ако се знае податокот дека Komatsu употребува исклучиво компоненти од сопствено производство.
Како посебност Komatsu ги истакнува системите за контрола на тракција, потоа хидро-пнеуматската амортизација, мулти диск сопирачките потопени во масло како и ултра ефикасниот ретардер.
Ефикасноста како врвен приоритет
За да стекнеме вистинска слика за зглобниот камион да ги погледнеме на кратко димензиите. Вкупната должината изнесува 10,28 m, височината 3,51 m додека максималната широчина 2,90 m. Многу битен податок за лесно товарење но и за добрите својства условени со ниското тежиште, е товарниот праг кој изнесува само 2,83 метри. Кога ќе се надмине тој праг се отвара простор за товарење на приколката од 17,1 m³, односно пренос на товар до 28 тона.
Иако говориме за тежок и груб товар тој до неговата дестинација се пренесува во висок стил. Тоа го овзможува моќната погонска единица од 332 КС, произведени од современ „комон реил“ кој ги исполнува еколошките критериуми EU Stage IIIB. Неговите шест, линиски поставени цилиндри, преку автоматски менувач, силина ја пренесуваат на сите тркала. Шесте преносни односи (има и два за движење наназад) овозможуваат максимална брзина од 58,6 км/ч. Менувачот е наречен K-Atomics што јасно укажува на конструкторското потекло, а што е уште поважно функционира преку конвертотер на вртежниот момент и е конструиран со една спојна плоча.
Менува автоматски, со меко префрлување на степените за што е задолжена контролна електроника која се прилагодува според условите по кои се вози.
Делот околу механичката основа ќе го заокружиме со системот Komatsu Traction Control System кој јасно говори како за функцијата која ја извршува така и за креаторот на тој единствен систем кој се вградува во камиони од овој тип. Јасно неговата улога е сигурна тракција при сите услови, што пак од друга страна значи и економична распределба на вртежниот момент.
Возач со одличен поглед
Кабината на зглобниот камион HM300 претставува вистински час по ергономија. Таа е изработена од првокласни материјали, пространоста е примерна а командите логично распоредени. Седиштето на возачот може да се подесува во сите правци а за попријатен престој преку целото работно време задолжена е новата воздушна амортизизација.
Всушност сите овие атрибути заслужуваат многу поширок опис, но едноставно сето тоа може да се забележи од приложените фотографии.
Тоа што не се гледа а возачот и тоа како го чувствува се првокласните изолации. Кабината е поставена на посебни гумени држачи а употребените материјали за изолација успешно ги пригушуваат сите звуци. Само бучавост со интензитет од автомобилските, 73 dB(A) продираат до внатрешноста.
Видливоста од возачкото место е подобрена со сериски вградената камера во задниот дел која сликата ја проектира на екранот поставен на командната табла.
Едоставен пристап за лесно оддржување
Пристапот до контролните и сервисните точки е крајно олеснет. Капаците на моторот се отвараат странично, а за максимално олеснување на работата на сервисерите, возачката кабина може да се наклони наназад за агол од 36 степени.
При такви околности до сите контролни точки се пристапува од позиција на тлото, и што е уште поважно, интервенциите се одвиваат под максимално безбедни услови.
Уште ако се знае дека подмачкувањето на потребните системи и делови се изведува преку централизиран систем, станува јасно дека времето во кое камионот ќе биде надвор од употреба е сведено на минимум.
Секако за тоа е заслужен и информативниот систем KOMTRAX кој преку мобилни апликации овозможува во реално време следење на сите параметри на камионот.
Komatsu во своите промотивни материјали инсистира на истакнување на продуктивноста и ефикасноста на својот зглобен камион. Ние како илустрација на тие вредности ќе го посочиме податокот кој говори дека празниот камион тежи безмалку 25 тона а може да понесе товар кој за три тона ја надминува тежина на камионот.