Komatsu PC1250SP-8R

Најмал од најголемите

► Кога ќе се каже Komatsu секогаш се помислува на нешто големо, многу големо, така што се запрашавме како изгледа најмалиот од најголемите багери на оваа марка

Багерите на Komatsu, со своите уникатни и незаменливи нивоа на иновации и технологии, се признати како едни од најпродуктивните, најиздржливите и најефикасни на пазарот, со ниски трошоци за експлоатација и одлична вредност кога се продаваат како половни. Затоа и со децении се меѓу најпродаваните низ целиот свет. Заслуга за тоа има и широката гама која опфаќа голем број машини со оперативна тежина меѓу 300 килограми и 800 тони. Посебно се ценети токму најголемите, оние наменети за тешка работа во сектори како што е рударството. За најголемиот меѓу нив пишувавме пред кратко време и кажавме дека и без да се види сликата од самата негова ознака PC8000 станува јасно дека се работи за голема машина – всушност најголема во гамата на Komatsu и петти најголем багер во светот. Сега пак се запрашавме како изгледа најмалиот од најголемите багери на оваа марка, моделот PC1250SP-8R.

За него пак обичната слика не кажува доволно – на неа повеќе или помалку изгледа како нормален, не толку голем багер со малку погломазни пропорции, освен ако најпрво не ја видите фотографијата снимена на еден од многубројните саеми на која е покажан и на која се гледа дека под неговиот заден дел, меѓу гасениците, има паркирано автомобил. Затоа и во опишувањето ќе започнеме со димензиите кои велат дека е долг 14,8 метри, висок 6,27 и широк 5,36 метри. Има стрела од 7,8 и рака од 3,4 метри и оперативна тежина од 110 тони. Постои и верзија (без SP во ознаката) со стрела од 9,1 метар и рака од 3,4, 4,5 или 5,7 метри која стандардно е опремена со нешто помала корпа од 5 место 6,7 кубни метри. Максималната височина до која досега е 13, а максималната длабочина 7,9 метри. Од димензиите уште ќе го наведеме и „просторот за паркирање автомобил“ кој е широк 3,2 и висок 1,79 метри.

Да се задржиме малку на тежините. Горната структура на Komatsu PC1250SP-8R тежи 36,8 тони, долната со комплет гасеници 30,9, контра-тегот 18,5 тони, корпата 6,5, стрелата 11,1, раката 6,4, а хидрауличните цилиндри за нив 1,5 односно 2,4 тони. Сето ова е задвижувано од 6-цилиндрична 23-литарска грдосија од мотор со 672 коњски сили со електронски контролиран хидрауличен вентилатор за ладење со променлива брзина. Потребни му се 142 литри антифриз и 86 литри масло, за финалниот пренос 2×21 литар, а за хидрауличниот систем 670 литри. Тој е чувствителен на оптоварувањето со пумпа со варијабилен капацитет, а системот за ротирање со планетарни запченици ќе ја врти горната структура со брзина од 5,8 пати во минута. Моторното масло и филтерот за него се менуваат на 500, хидрауличното масло на 5.000, а филтерот за него на 1.000 работни часа. Максималната брзина на движење му изнесува 3,2 километри на час, може да искачи нагорници до 70%, а во резервоар за гориво собира 1.360 литри.

Толку за бројките – сега нешто и за карактеристиките. Како и другите багери на Komatsu, и овој е докажан во рударските операции како најмоќен и најпродуктивен во својата класа, со доста ниска цена на трошоци во однос на тон материјал без разлика со што работи – јаглен, јаловина или пак остри камења. Може да биде опремен со најновиот далечински мониторинг систем Komtrax Plus кој обезбедува континуирани податоци за перформансите и статусот на машината. Сите клучни компоненти се конструирани и произведени од Komatsu за да работат заедно како еден интегриран пакет. Со помош на безударните вентили за контрола на стрелата, количината вибрации и заморот на операторот се намалени, со што се подобрува безбедноста и продуктивноста. Широката и пространа кабина е направена како удобно работно место. Наслонот на седиштето, неговата висина и положбата лесно се прилагодуваат, а позицијата на потпирачот за раце се поместува заедно со конзолата.