Komatsu PC8000-6

Еден багер, многу бројки…

► Сакале или не, во опишувањето на Komatsu PC8000 ќе употребиме многу бројки

И без да се види сликата, од самата ознака PC8000 ќе стане јасно дека се работи за голема машина. Всушност најголема во гамата на Komatsu и петти најголем багер во светот. Приказната за него започнува во 1986 година, кога поранешната германска компанија Demag (која од ’99-тата целосно е инкорпорирана во Komatsu) го претстави моделот H485. Со своите 550 тони, оваа машина тогаш влезе во историјата како најголем хидрауличен багер направен било кога. Понатамошните подобрувања ѝ донесоа поцврста конструкција, поголема корпа, нова паралелна кинематика, други мотори… И така чекор по чекор сé до 2000-тата, кога Komatsu го претстави PC8000-6 кој беше и остана технолошки пионер и непоразен лидер на пазарот во овој сегмент на ултра-тешки машини.

Во однос на претходникот тој имаше неколку квалитетни унапредувања. Одговарајќи на барањата на клиентите, инженерите на Komatsu го конструираа да се може да работи на арктички температури од -50 °C и надморска височина од 5.000 метри. Тука веќе започнуваме со бројките, кои велат дека има корпата со зафатнина од 42 m³, длабочина на копање од 8,4 метри и оперативна тежина од 752 до 771 тон. Широчината и височината му изнесуваат по скоро 10 метри, гасениците му се долги 10,7, широки 1,5 или 1,9 и високи 3 метри, а максималниот досег е 20,9 метри. Седиштето на операторот се наоѓа на точно 8,45 метри од земјата, што е еднакво на висината на трикатна зграда и е заштитен со 19-милиметарско сигурносно стакло на кабината. Komatsu PC8000-6 е задвижуван од два 16-цилиндрични мотори со вкупно 4.020 KS, a се движи со брзина до 2,4 километри на час. Место дизел моторите може да биде опремен и со два електромотора од по 1.450 kW. Во хидрауличните системи собира 11.500 литри масло, во резервоарот 13.925 литри дизел, а во моторите вкупно 860 литри антифриз и 580 литри масло. Импресивно е и тоа што целиот циклус на црпење и кипење трае помалку од 25 секунди.

Колку вакви машини има направено Komatsu не е објавено. Единствениот податок за тоа е од 2013-тата, кога на колумбискиот рудник за јаглен Drummond кој веќе поседуваше 17 вакви машини беше испорачан 100-от произведен примерок на PC8000-6. Тогаш се дозна и дека тој е избор на вкупно 42 рударски компании низ светот кои го имаат вклучено во својата механизација. Една од нив е и австралиската Super Pit, која две години пред тоа покрај двата што ги поседуваше купи уште два примерока од PC8000-6. Споделувајќи ја веста за својата набавка, тие наведоа дека платиле 17 милиони австралиски долари, што според тогашниот курс изнесуваше исто толку американски долари, односно 13,5 милиони евра. Кажаа уште и дека машините кај нив работат по повеќе од 7.000 часа годишно, товарајќи секоја по 1.300 до 1.500 кубни метри руда на час. Тоа на годишно ниво изнесува 10 милиони тони, што е двојно повеќе од производството на нашиот Бучим. И тоа само со една машина!