Konecranes

Вилушкари за 65 тони товар

Голем, поголем, огромен – кога зборуваме за носивоста на вилушкарите колку и да степенуваме, тешко дека ќе стигнеме до бројката 65. А има и такви…

Македонија нема море – најчесто го гледаме само на одмор, и тоа од плажа или таверна. Ретко кој од нас има прилика да ги види морските широчини, а уште поретко да биде дел од транспортот што тие го овозможуваат. Бројките што тука се вртат се огромни. На пример во најблиското пристаниште до нас, Солун, ланската 2018-та година пристигнале 1.929 брода со вкупно 17,55 милиони тони товар. Крановите со кои тој се истоварува од телевизија знаеме колкави се.

Финската компанија Konecranes е специјализирана токму за нив. Таа нуди комплетни решенија за манипулација со товар во пристаништата, меѓу кои и вилушкари. Тие главно се специјализирани за одреден вид товар, пред сé контејнери, но можат да бидат и за општа намена – како и секој друг вилушкар. Разликата е во тоа што се навистина огромни – најголемите имаат носивост од дури 65 тони, на височина од 1.200 милиметри. Бидејќи фотографиите не можат во целост да ја доловат нивната големина, за нив ќе споменеме неколку бројки. Максималната височина што може овој модел да ја достигне е 15 метри, со брзина на подигнување меѓу 0,15 и 0,40 метри во секунда. Брзината на возење, пак, е 29 km/h. Моторот е дизел од Volvo или Scania, со моќност од 257 и 294 киловати, а трансмисијата автоматска со 4+4 степени на пренос. Без вилушката е долг 8,75 метри, висок е 4 метри, има меѓуоскино растојание од 6 метри и оперативна тежина од 90 тони. Ова е доволно за да се сфати за каков ѕвер од машина зборуваме. Битно е да се спомене и дека Konecranes располага со решение за поврзување на повеќе вакви машини заеднички да подигнуваат потешки или подолги товари.

Konecranes во широката гама вилушкари за општа намена има скоро триесет модели, од кои најмалиот има носивост од 10 тони.