Liebherr Concrete Technology

Без добри темели нема добра градба

► Името Liebherr е присутно во 11 различни области на делување – од апаратите за домаќинство преку хотелиерството до воздухопловната техника, но нам најдобро ни е познато заради градежната механизација

Liebherr e огромна интернационална корпорација во која работат 46.000 луѓе. Со децентрализирана организациска поставеност обединува повеќе од 130 компании кои лани заедно имаа промет од 10,5 милијарди евра. Делува во вкупно 11 различни области, од кои половината се од градежната механизација или во блиска поврзаност со неа. Всушност и самите темели на компанијата се поставени токму на механизацијата, чиј развој во текот на 7-те децении постоење ги опфати сите групи производи.

Бетонските технологии се значаен сегмент од понудата на градежна механизација на Liebherr. Миксерите за бетон важат за висококвалитетни и издржливи, со применета голема количина иновативни технологии. Во моментов се нуди 05 генерацијата во чие производство е применет модерен пристап. Се употребува конструкција со нов посебно развиен челик кој содржи екстремно тврд титаниум карбонитрид, со што се поотпорни на абење и заштитени на долг рок. Заради оптималното позиционирање на преносот овие миксери се исто така и ергономски, а флексибилните опции за прицврстување ги прават уште поедноставни за користење. На располагање се во широк дијапазон во различни варијанти и изведби, прилагодени за секој регион во светот посебно. Во изборот на најсоодветниот миксер според потребите на корисниците доста помага и он-лајн алатката со чија помош тие можат целосно да ги конфигурираат сопствените возила. Изборот им се движи од компактните двоосни камиони со капацитет од 5 m³ па до големите миксери монтирани на полуприколка со три пати поголем барабан.

Новост во понудата е ETM серијата со електрично задвижуван барабан претставена неодамна. Нивната испорака ќе започне есенва, за почеток само во две изведби – како соло камион со барабан за 9 кубни метри бетон и полуприколка со капацитет од 10 m³. Освен значително помалата бучава и подобрата еколошка прифатливост, тие се и поекономични за работа. Струјата за погон на барабанот доаѓа од батериите од 32 kWh. Тие се доволни за цел ден работа, а се полнат во текот на возењето со генератор или пак приклучени на електричната мрежа. Доколку тие сосема се испразнат, празнењето на миксерот со бетон може да се изврши со помош на генераторот. Во блиска иднина гамата електрични миксери ќе се прошири со уште 4 модели со номинален капацитет меѓу 7 и 12 кубни метри.

Пумпите за бетон се „продолжена рака“ на миксерите. Својата понуда Liebherr ја има разделено во две групи – мобилни монтирани на камион и стационарни бетонски пумпи, со што е опфатен широк спектар на намени. Благодарение на својата робусна конструкција, камионските бетонски пумпи на Liebherr се погодни за употреба и во најтешки услови за работа. Се произведуваат исклучиво во Германија и ги задоволуваат највисоките барања за квалитет и издржливост. Сеопфатно се тестирани како во поглед на употребениот материјал, така и во работата на терен, со што се гарантира нивниот долг работен век, дури и под екстремни стресови. Важат за вредна инвестиција не само заради ниските сервисни барања, туку и заради високата цена која можат да ја постигнат како половни.

Производствената програма вклучува 6 различни модели со вертикален досег меѓу 23,7 и 49,1 метри. Најмалиот модел е монтиран на шасија со три оски и хоризонтално може да достигне до 19,7 метри. Најголемиот пак е на камион со пет оски и достигнува до 44,4 метри. Имаат максимален проток од 125 до 167 m³ на час и притисок на бетонот од 80 до 119 бари. Високите перформанси и глаткоста во работата ја обезбедуваат геометријата на инката, широките отвори за вшмукување и специјалната амортизација. Со иновативниот XXT систем за поддршка се прошируваат предните потпорни нозе до предниот дел на возилото, со што се зголемува работниот опсег до 70%.

Стационарните бетонски пумпи на Liebherr обезбедуваат високи перформанси со ниски емисии и се погодни за флексибилна употреба. Лесни се за сервисирање, а можат да бидат поставени на приколка или пак на гасеници, со што заедно со далечинските команди е овозможено нивното лесно маневрирање на самата локација. Liebherr нуди повеќе различни изведби на ваквите пумпи со проток меѓу 66 и 135 m³ и работен притисок меѓу 95 и 160 бари. Најмалиот модел е задвижуван со електромотор од 75 kW, додека другите имаат дизел мотор од 115 односно 160 kW.

Тајната за успехот на Liebherr лежи во сеопфатноста на понудата, па така таа е заокружена со сé друго што треба за целосно покривање на работата со бетонирање – од постројки за мешање преку подвижни ленти за транспорт до системи за дистрибуција на бетон на големи и сложени за работа локации.