Liebherr LTM 1750-9.1

Кога големината е релативна

Големината е релативна, но кога зборуваме за Liebherr тогаш се уверуваме во вистинската смисла на зборот големина

Liebherr произведува широк асортиман на мобилни дигалки со телескопска или решеткаста рака, на тркала или гасеници како би можеле да работат во најразлични подрачја. Ги карактеризираат големата сила, компактноста и мобилноста, а значајна придобивка на ултра-модерната „Made in Germany“ технологија е што задоволуваат комбинација патни и теренски оперативни барања на градилиштата од сите видови во целиот свет. Телескопските мобилни дигалки се наменети за возење по сите терени – можат да патуваат со брзина од 80 km/h на асфалтни патишта и да се движат по најтешките услови на градилиштата. Мобилните автодигалки на Liebherr имаат екстремна мобилност и подвижност и покрај своите габарити, што прави големината да изгледа релативна. А колку таа е релативна во буквална смисла на зборот „големина“ ќе ни покаже мобилната дигалка која ја избравме да ви ја прикажеме во овој број на Г&Т, LTM 1750-9.1.

Од каде и да започнеме да ја опишуваме оваа дигалка, првиот збор што ќе го употребиме мора да биде „импресивно“ иако некогаш дури ни тој не е доволен. На пример, што друго би можеле да кажеме за нејзината носивост од 750 тони? Или за нејзината телескопска рака долга 52 метри? А што за тоа што со помош на сложениот обезбедувачки систем таа може да досегне до 154 метри височина и 112 оддалеченост? Тешко дека можат да се најдат вистинските зборови, ама затоа бројките се тука, а тие велат уште дека LTM 1750-9.1 има должина од 22 метри, оперативна тежина од 108 тони и контратегови од 204 тони.

Особина на оваа дигалка со 9 оски и 18 тркала е што комплетната телескопска рака останува поврзана и при транспорт на јавни патишта. При нејзиното конструирање е водено сметка да се осигура варијабилноста на распределба на тежината по оски. Тоа значи дека во најекстремни случаи за движење по неуреден и опасно мек терен со отстранување на телескопската рака нејзината тежина ќе се спушти под 40 тони. За погон се користи осумцилиндричен мотор со 680 KS и 3.000 Nm, кои се пренесуваат преку 12-степен ZF AS-Tronic автоматска трансмисија на осумте погонски тркала. За обезбедување поголема маневрабилност сите 18 хидропневматски ослонети тркала со саморегулирање на висината се управувани, а за безбедноста во возењето е задолжен пневматскиот систем со диск сопирачки. За погон на хидрауличниот систем е задолжен четирицилиндричен мотор со 367 KS и 1.720 Nm. Тој обезбедува и оваа дигалка сама да се монтира кога ќе пристигне на локацијата, а во случај на проблеми во негово работење може да се користи и погонскиот мотор кој се вклучува во таа функција преку само три електропрекинувачи.

За крај, како десерт, ја оставивме информацијата дека LTM 1750-9.1 не е најголем модел во гамата мобилни кранови на Liebherr – тоа е LTM 11200-9.1, кој има носивост од 1.200 тони.