Liebherr R9400 – Рударски багер

Строго контролирана моќност

Големата машина на Liebherr првенствено е наменета за работа во рударските копови. Со големата оперативна тежина, која се движи помеѓу 345 и 353 тони, успешно се носи импресивен дизел мотор од 1.675 КС или електромотор (опциски) од цели 1.810 КС

Liebherr R9400 е голема машина, многу голема. Таа е наменета за рударски копови при што во зависност од корпата може да копа и да товари како ровокопач или пак истата функција да ја извршува преку товарна лопата. Во првиот случај оперативната тежина изнесува 345 t при што корпата може да собере материјал со волумен од 18 m3, или тежина која не надминува 36 t. Ако условите налагаат користење на товарна лопата тогаш се користи корпа со 23 m³ при што дозволената тежина на товарот смее да изнесува до максимални 40 тони.

Ова се импресивни бројки кои истовремено обезбедуваат идеален капацитет за товарење на дампери со носивост помеѓу 100 и 240 тони. Погонот се обезбедува преку современ дизел мотор со потпис на Cummins кој ослободува големи 1.675 КС. Како алтернатива се нуди и погон преку електромотор со максимална силина од уште поголеми 1.810 КС.

Капацитети

Кога се обработува работна машина од овој ка либар основен проблем е што описот може да забега во тумачење само на голи бројки. Тие се толку импресивни што ќе се обидеме да се задржиме само на некои од нив. Погонскиот дизел располага со работен волумен од 50,3 литри кои се распоредени во 16 цилиндри. Во R9400 се вградуваат четири хидраулични пумпи кои се способни да создадат проток од 3.004 литри во минута и тоа под работен притисок од 320 bar.

Хидрауличните пумпи имаат на располагање резервоар на течност во кој може да се сместат 2.200 литри. Инаку за резервоарот за нафта е обезбеден волумен од 6.908 литри.

Масивна носечка структура

Самиот податок за оперативната тежина од максимални 353 тона јасно говори за предизивиците со кои треба да се соочи носечка структура. Изработена од специјални челични профили и дизајнирана со кутијаст облик таа не само да обезбедува стабилна работа туку е специфицирана со издржливост која го надминува работниот век на машината.

Во техничките специфики на R9400 спаѓа и интелегентниот хидрауличен пренос. Погонот на ротирачкиот дел се обезбедува преку затворен хирауличен круг додека за погон на останатиот дел од работниот циклус се користи паралелен односно отворен хидрауличен круг. Резултатот од применетиот енегретски менаџмент, дело на експертите од Litronic Electronic Control, овозможува брза ротација (до 3.9 ротации во минута) како и зголемен притисок за копање и товарање. Во функција на зголему вање на ефикасноста на расположливата енергија, ладилниците за масло и тој за разладната течност физички се одделени. Со тоа решение се овозможува моторот да работи при оптимални температурни услови, а тоа знаеме дека директно влијае на економичноста на работата.

Контрола и оддржување

Самиот поглед на Liebherr R9400 предизивикува стравопочит, па оттука истото чувство се рефлектира и на самата помисла за евентуални интервенции. Таа реакција се чини целосно неоправдана. Најпрвин, дневната контролата на параметрите може да се сведе само на преглед на таблата со индикатори која стои пред операторот. Од друга страна, состојбата на течностите може да се изведе од ниво на тлото поради тоа што сите контролни точки се групирани на едно, лесно пристапно место.

Во прилог на намалување на празниот од на машината оди и фактот што преносот на гасениците и останатите подвижни делови од долната половина на машината, се додатно заштитени и за нив не е потребно оддржување.

Во овој дел може да ја споменеме и додатната заштитата од пожар која е изведена така што моторниот простор е физички одделен од хидрауличните делови, а истото важи и за заштитната електроника како и за електронските контролни уреди. Во случај ситуацијата да излезе од контрола, моторот може да биде исклучен од самата кабина, од надвор, како и од сервисниот дел на машината.

Работен простор

Операторот треба и буквално да се искачи до својот работен простор кој е поставен на височина од околу 6.5 метри. Тоа се прави преку посебни скали кои потоа повторно се подигнуваат. Откако ќе стигне на таа височина, тој има одлична видливост на сите страни.

Во комотната кабина има место уште за еден инструктор како и доволно простор за одлагање на сите потребштини. Чистиот воздух во неа се обезбедува преку неколкукратно филтрирање и кондиционирање на уфрлениот воздух а во случај на екстремно прашнест амбиент во кабината се оддржува постојан натпритисок со што се оневозможува влез на прашината во кабинскиот простор.

Во посебен, Arctic пакет кој се добива по нарачка, кабината е додатно изолирана од екстремно ниските температури. Овој пакет се испорачува само со погон на електрична енергија.