Lotos моторни масла

Зад завесата

► Со пазарот на мазивата владеат неколку моќни имиња, но секогаш има место и за другите, посебно ако имаат волку интересна понуда

Модерниот свет веќе не ги признава границите, ниту државни, ниту општествени. Челичните завеси одамна се дигнаа, ама некои информации сепак останаа скриени од очите на светот. Но под притисок на економските фактори една по една и тие се откриваат, на задоволство на секој корисник што навреме дознал за нив. Ќе се обидеме да влијаеме на тековите на времето и со овој напис да симнеме уште една бариера што стои пред непознатото за нас. Темата се моторните масла Lotos, но прво збор-два за самата група.

Нам сосема непозната, корените на оваа компанија датираат наназад до 1971 година, кога е донесена одлука за изградба на рафинерија во полскиот пристанишен град Гдањск. Годините на подеми и падови ќе ги прескокнеме сé до 2003-та, кога е основана холдинг групата Lotos која во себе обединува уште 18 други компании, вклучувајќи ги и рафинериите во Чеховице и Јасло. Главна дејност и е рафинирањето на нафта и производството на горива и мазива. Вкупните годишни приходи и изнесуваа скоро 8 милијарди евра, располага со имот вреден двојно повеќе од тоа, а вработува 7,5 илјади луѓе. Дека е лидер на полскиот нафтен пазар не треба да кажуваме. За прво запознавање доволно, колку да го имаме предвид педигрето на компанијата за чии производи ќе зборуваме.

А нив ги има многу – моторни масла, производи за агрикултурата, шумарството и домаќинствата, индустриски, железнички, бродски и мазива за разни други стандардни или специјални намени. Програмата на моторни масла за тешки товарни возила и автобуси е обединета под ознаката Turdus. Понудата е сеопфатна – од стандардни моторни масла преку полусинтетички па сé до најсовремените целосно синтетички наменети за модерните погонски агрегати. Нивниот развој го следи напредокот на моторните технологии, притоа не заборавајќи ниту на постарите возила кои како и кај нас, сé уште во голем број ги има на полските патишта. Акцент е ставен и на специјалните возила, кои скоро кај сите производители на масла делумно се запоставени со нивните често специфични потреби.

Предводник на Turdus палетата на Lotos е семејството Powertec, кое опфаќа повеќе типа на моторни масла за комерцијални возила: 5100, 1100, 3000, Syntetic Plus, Synthetic, Semisynthetic и стандардните минерални. Ги има за секоја намена, во повеќе градации 10W40, 5W30, 15W40, како и во различни пакувања – од 4 литри дури до 1 тон. Поседуваат бројни сертификати за употреба и ги задоволуваат барањата на познати производители на камиони и мотори, како што се Volvo, Deutz, MAN, Mercedes, Renault, Scania, DAF, Tatra и други, но и на Caterpillar, Detroit Diesel, Cummins… Опфаќаат широк спектар мотори (Еуро 4, Еуро 5 и некои Еуро 6), а педантно селектираните адитиви гарантираат мали загуби на масло, константно ниво на вискозитет и квалитетно подмачкување во сите услови за експлоатација. Не смееме да ги заборавиме ниту еколошките барања, продолжените интервали за замена и намалената потрошувачка на гориво. Посебно треба да се истакнат мултиградните Powertec моторни масла наменети за возила со постар датум на производство, кај кои се битни заштитата на моторот и создавање отпорност на разни штетни наслаги во него. На тоа се надоврзуваат стандардните Turdus Semisynthetic, како и SHPD и MD маслата со градации SAE15W40 и 15W50, кои можат да се употребуваат и во комби возила со бензински мотор, а нешто што посебно вреди да се спомене е и специјалното Turdus CNG масло наменски развиено за употреба во возила (товарни, автобуси, специјални…) кои како погонско гориво користат компримиран природен или течен нафтен гас. Не се заборавени ниту корисниците со големи флоти возила во експлоатација со мотори со или без турбо компресор кои исполнуваат некои од претходните стандарди за емисии, за кои се наменети Diesel Fleet маслата со градации 5W40 и 10W40.

Во денешните висококонкурентни услови на работа не смее да се игнорира ниту евроцент по километар заштеда, но никако на сметка на доверливоста и истрајноста на возниот парк. Затоа и ретко кој од транспортерите се осмелува да прави компромиси со моторните масла и најчесто купува само од светски познати производители на кои слепо им верува. Тука својата прилика ја гледаат и останатите како што е Lotos, за чиј квалитет најдобро говори нивното учество од околу 30% на полскиот пазар. А Полска е голема земја со изразени транспортни потреби и кон запад, и кон исток, и тоа со доста сличен (читај: експлоатиран) возен парк како и нашиот… Овој факт доволно кажува сé сам за себе – не треба да го дополнуваме со информации за бројните награди и сертификати што ги имаат маслата на Lotos Oil S.A., па дури ниту со тоа дека ги користи и НАТО.