Made in China

Предрасудите некогаш се добра работа

На предрасудите гледаме како на негативен елемент, но тие некогаш се добра работа – нé штитат нас самите од нашето сопствено незнаење

Кога не знаеш што е најдобро, купи ги најскапото – моќта на оваа паметна мисла лежи во неа самата. Ние можеби не знаеме секогаш што е најдобро, но затоа добро знаеме што не е – по правилото на предрасудите што ги имаме, во таа категорија спаѓа сé што ја носи етикетата Made in China. И ако некогаш заради нашата финансиска (не)моќ сме приморани да правиме компромиси и свесно да влегуваме во професионален ризик купувајќи поевтино тамошни производи, не ни е мило кога ќе дознаеме дека некој молчешкум ни има подметнато кинески производ под име на кое слепо му веруваме. За жал, кај нас има и такви примери…

Но пред тоа малку да се осврнеме за причините зошто (со право) сметаме дека кинеските производи се неквалитетни. Или, да реферираме малку во ставовите, зошто производите на познатите светски марки произведени во Кина го немаат истиот квалитет како оние што доаѓаат од нивните матични или некоја друга развиена земја од Европа или Америка. Главната причина за тоа се технологиите и нивната достапност во најбројната земја. Имено, според кинеските закони секој странски производител ако сака да делува на нивна територија мора да има за партнер кинеска компанија, со максимален сооднос на учеството од 50:50. Нормално, секој странец бира компанија од својата бранша која инаку ја смета за конкурент, што автоматски значи дека своите технологии им ги става целосно на располагање за копирање, да не кажеме крадење. Бидејќи во Кина како комунистичка земја интелектуалните права се сметаат за сопственост на народот, тоа тешко може да се спречи, уште потешко на суд да се докаже. Таму е нормално некој да продолжи каде друг застанал и копирањето воопшто не се смета за криминал. Напротив, постојат цели универзитети во кои се изучува таканаречениот реверзибилен инженеринг. Под меѓународен притисок Кина го има признаено правото на интелектуалната сопственост на странските корпорации, но за да докажат дека навистина се сопственици на некоја технологија тие на судот мора да му ги приложат оригиналните технички нацрти за споредување. Нормално, на такво нешто ретко кој се решава, бидејќи е еднакво како да им ги сервирале своите тајни на шведска маса. Затоа странските компании во Кина никогаш не ја произведуваат својата најнова технологија, туку се задоволуваат со генерација, две па и постара.

Втората значајна причина за отстапувањето на квалитетот на кинеските производи е самата организираност на кинеската економија, која е планска – никој не смее ништо да произведе без дозвола од владата. Така, на пример, ако рударите ископаат неквалитетна руда, железарите ќе направат неквалитетен челик од кој добавувачите ќе произведат неквалитетни компоненти кои пак производителите на опрема ќе мора да ги вградат во своите продукти оти слободен пазар на заменски делови не постои. Исто така незамисливо е откажувањето на нарачки или нивно враќање на добавувачот заради недоволен квалитет. На ова се надоврзува и отстапувањето во спецификациите што кинеските компании го прават во битката за остварување на своите често преамбициозни производствени планови, а е предизвикано делумно со несовесното работење, делумно од незнаењето и неискуството на нивните инженери. И во тој случај странските производители се приморани на компромис – или ќе вградат такви делови бидејќи не можат да дојдат до други, или нема да го произведат она што го планирале. Така, се случува една серија машини да има делови и компоненти со едни, а друга со други спецификации и квалитет, што воопшто не е дозволиво кај ниту еден глобален производител со познато име што држи до својот имиџ мачно создаван со децении. На овој начин производствениот циклус од затворен круг се претвора во спирала чиј почеток и крај не се знаат.

Странските производители во Кина тоа доста добро го знаат и заради отстапувањето во квалитетот и спецификациите машините што ги произведуваат таму не ги продаваат во други земји. Евентуално можат да се најдат некаде во близина на некој помалку изискувачки пазар или во некоја од земјите од третиот свет, но повеќе од тоа ретко. Доколку сепак од одредени причини и со пресметан ризик тие нудат некоја машина произведена во Кина на некој зрел пазар, тоа јасно им се става на знаење на купувачите. Сепак, во битката за поголем профит некои нивни дистрибутери ја злоупотребуваат таквата политика на компаниите што ги застапуваат и без нивно знаење преку независни посредници набавуваат машини произведени во Кина и ги пласираат на своите пазари како регуларен нивни производ, криејќи го фактот за нивното потекло од купувачите. Тоа посебно е изразено кај производителите на опрема со најзвучни имиња и распространета глобална дистрибутерска мрежа, која тешко се контролира.

Еден од нив е и Caterpillar кој располага со 110 фабрики ширум светот, од кои 51 се во САД, а 59 во 22 други земји, вклучително и Кина, се разбира. Таму CAT располага со капацитети со сериозна големина и тој факт не го крие, но машините произведени таму не ги продава надвор од Азија. За жал, дел од тие машини стигнуваат и на нашите подрачја и се пласираат како оригинален производ на CAT, без купувачите да бидат информирани за нивното вистинско потекло. А тоа, најблаго кажано, е нефер спрема нив бидејќи тие се подготвени да платат (и плаќаат) повеќе за името на кое му веруваат. Секако дека има и такви купувачи кои би се решиле за кинески производ калкулирајќи со средствата што можат да ги одвојат за него, но во тој случај тие би купиле некоја машина со име што не можат ни да го изговорат, а не со име на кое слепо му веруваат.

А дека машината не е она за што платиле ќе се уверат кога веќе е доцна. Имено, заради наведените отстапување во квалитетот и спецификациите, одржувањето на ваквите машини е дискутабилно. До резервните делови тешко се доаѓа – не само заради тоа што Кина е предалеку, туку и заради фактот што Кинезите нема да ви пратат идентичен дел како оној што е вграден, од причини што веќе ги елабориравме. Тој проблем тие го решаваат со таканаречени гаранциски китови кои се состојат од резервни делови во количини според статистиката на нивното откажување. Откако дистрибутерот што продал такви машини ќе ги потроши испорачаните китови, купувачот е препуштен на неговата совест во поглед на одржувањето на машината. А таа, за жал, не секогаш постои, за што цената повторно ја плаќа токму купувачот и никој друг.