Mann+Hummel и Wix филтри

Тивки чувари на вашиот мотор

И не само на него – филтрите се задолжени за „здравјето“ на повеќе клучни системи на секоја машина и затоа нивното купување на слепо е како одење по минско поле

Постојат два вида луѓе, со суштински спротивставени сфаќања – оние кои цврсто се држат до своите ставови и оние кои постојано истражуваат нешто ново. За првите велат дека се конзервативни, па дури и реактивни бидејќи немаат доверба во ништо што не го познаваат добро. Вторите пак често запаѓаат во проблеми што самите ги предизвикале со својата желба да испробаат сé, дури и оние споменати нешта што не ги познаваат добро. Но и едните и другите се согласни дека експериментирањето со „нешто ново“ кога филтрите се во прашање е лоша замисла која никогаш не завршува како треба. Дека филтерот не си ја врши работата предоцна се дознава, дури откако е направена ненадоместлива штета. Затоа и сите што се задолжени за одржување на машините не размислуваат многу при набавката на филтри.

Всушност не размислуваат воопшто, бидејќи едно име се наоѓа на повеќе од половината филтри во автомобилската индустрија. И вам добро ви е познато – зборуваме за Mann+Hummel, кој долг низ години во Македонија е застапуван од АБ Новоселски од Струмица. Оваа германска компанија е основана во 1941 година од страна на Адолф Ман и Ерих Хумел, чии наследници и денеска го поседуваат бизнисот кој носи приходи од 3,5 милијарди евра годишно и вработува повеќе од 20 илјади луѓе на преку 80 локации ширум светот. Паролата со која се имаат водено низ годините раст секогаш била истата: „Она што го правиме, го правиме најдобро“. А прават секакви видови филтри и сé што е поврзано со нив и процесот на филтрирање, но 90% од нивните приходи доаѓаат од автомобилското одделение. Сеопфатната палета производи содржи филтри за воздух, масло, гориво и за кабината, за сите видови мотори и машини но и за индустријата и разни постројки. Нивните производи ги задоволуваат најсложените барања и практично отсекогаш се имаат поставено како стандард кој другите од индустријата само го следат.

Своите производи ги пласираат под повеќе брендови – најпознатиот е Mann-Filter кој често и со право се изедначува со називот на компанијата. Сите кои имаат искуство со нивните производи знаат дека нема никаква разлика во квалитетот на филтрите наменети за прво вградување и оние што се продаваат како резервни делови. Тој во секој случај е на високо ниво, до кое е дојдено со многу работа – прецизно планирање, напреден развој и сеопфатен процес на контрола. Понудата производи континуирано се подобрува и редовно дополнува со нови ставки, во согласност со сите технички потреби на современите машини. Во Mann+Hummel се свесни дека само со долгорочни вложувања можат да го задржат постигнатиот и секогаш најдобар квалитет и да осигурат беспрекорна работа на секој мотор, машина или било каква постројка која користи нивни филтер, за што и да е. Потрошувачите тоа одамна го имаат сфатено и знаат Mann филтрите незаобиколно се среќаваат во милиони нови машини од најпознатите брендови на авто-индустријата: Iveco, John Deere, MAN, Mercedes-Benz, Scania, DAF, Fiat, Audi, BMW, Opel, Ford, Peugeot, Renault, Toyota, VW, Volvo…

Тоа го знаат и во АБ Новоселски од Струмица, кои ја следат успешната приказна од Лудвигсбург и освен од Mann-Filter, на своите клиенти од годинава започнаа да им ги нудат и производите на американската компанија Wix. Кај нас слабо или сосема непозната, таа има корени кои датираат до 1939 година и премиум позиција на пазарот. Располага со 11 фабрики во 8 земји низ целиот свет и годишно произведува повеќе од 210 милиони филтри за секаква намена во автомобилската индустрија. Производственото портфолио им се состои од околу 12.000 поединечни продукти, од кои добар дел се наменети за општи и специјализирани примени во индустријата, градежништвото па дури и енергетиката – за хидраулика, разни течности и друго. Горди се на своите иновативни производи, како и на успесите што тимовите под нивно покровителство ги постигнуваат на спортските полиња. За да некој не помисли дека го наведуваме низ минско поле, треба да знаете дека оваа компанија од минатата година е дел од M+H групата, иако делува сосема независно.