Martz Basic 205 – Автомобилска приколка

Адекватен одговор за вашите транспортни потреби

► Полската компанија Martz е специјализирана за израбтока на широк опсег на автомобилски приколки наменети за најразлични хоби активности како и за работни потреби

Кај нас малку познати, но во Европа широко се прифатени производите на полскиот производител на приколки со седиште во Швидних. Широкиот спектар производи наменети за домашниот и најголемите европски пазари кој вклучува изработка на преку 150 различни модели, може да се подели на неколку поголеми групи.

Тука се приколките со една оска, потоа тие со две оски, специјалните приколки наменети за професионалци, приколите за превоз на мотоцикли и квадови, следат приколките наменети за превоз на тешка опрема, за транспорт на возила, чамци и јахти, па се до транспортни платформи.

Широк избор кој ги задоволува сите потреби

Покрај оваа основна поделба, приколките на martz се разликуваат и според изработката и опремата со која може да се надоградуваат. Па така во Basic групата спаѓаат приколките наменети за широк употребен опсег. Карактеристично за нив е што носечката стуктура е изведена во облик на буквата “A”, изработена е од челични цевки, страниците им се високи 32 cm, a се товарат преку задната страна која може да се спушти.

Повисоко поставена е Premium изведбата која вклучува приколки со носивост помеѓу 300 и 750 kg. Солидната изработка со поцврта структура е проследена со поголем број на разни додатоци како и со можност за отварање и на предната и на задната страница. Premium+ изведбите се изработени за носивост која се движи помеѓу 750 и 1.500 kg што автоматски подразбира вградување на сопствени сопирачки. Највисоката Maxi класа воглавно се разликува според механичките својства во кои е вклучено преклопување на влечната руда како и наклонување наназад на целата приколка. Тука се и повисоките страници како и употребата на алиминиумот како материјал за изработка на составните делови. Исто така во ова ниво може да се бира и видот на амортизацијата, па според намената може да се изберат спирални или лиснати опруги.

Martz Basic 205

Без разлика на бројните варијанти, основната, Basic изведба ги носи сите атрибути со кои се гордее производителот. Тука пред сé се мисли на употреба на цврсти материјали, брендирани механички компоненти и докажана конструкција која функционира под различни временски и други услови.

Товарниот дел е со димензии (205 x 125) cm податок кој може да се насети и од самата номенклатура. Дозволената тежина на пренесуваниот товар се движи помеѓу 300 и 750 kg, а токму од тој податок зависи и кој тип на потпирање ќе биде употребен. Страниците се високи 32 cm со тоа што приколката може да се товари само од задната, преклоплива страна.

Носечката стуктура е изведена класично, во облик на буквата “A”, и на таа позиција нема изненадувања. Целото знаење се однесува на применетите материјали и на вградените механички компоненти (оска и потпирање) кои се позајмуваат од докажани добавувачи.

Основната височина на страниците треба да се сфати само условно поради можностите истата да биде надоградена со мека покривка која се потпира на челична рамка. Во опција се рамки означени со H400 и H1100 што јасно укажува на нивната визочина изразени во милиметри.

Исто така, а секогаш спрема потребите на клиентот, приколката може да се комбинира и со рамен покривач кој може да биде од мек материјал или пак од цврста пластика. Во комбинација се уште и екстендер како и мрежести страници.

Во секој случај корисниците ќе може да си одберат приколка според сопствени специфични потреби, а таа можност се пружа уште во основната, Basic верзија. Квалитетот и долговечноста, во секој случај му се загарантирани.