Mazda BT-50

Освежување на пикапот на Mazda со Kodo дизајнот

Mazda започна со производство на фејслифтираната верзија на својот пикап BT-50, кој повеќе години не е присутен на европскиот пазар

Претставена во 2011 година, оваа генерација на пикапот на Mazda изгледаше доволно свежа така што измените се мали и козметички – во механиката не е чепкано. Сепак, колку и да се мали и естетски, тие му даваат поспортски изглед по заслуга на маската, затемнетите светла напред и назад и новите алуминиумски тркала. Измени со сличен обем има и во внатрешноста која сега дава чувство на поголем квалитет, а за прв пат ќе биде понудена и камера за возење наназад.

Mazda BT-50 на располагање е со два дизел мотора – 2,2 литарски четирицилиндричен со 160 KS и 385 Nm и 3,2 литарски петцилиндричен со 200 KS и 470 Nm. Трансмисијата е шестстепена мануелна или автоматска, а погонот само на задните или на сите четири тркала. Се произведува во повеќе каросериски верзии – со единечна, продолжена и двојна кабина, но и како шасија со кабина наменета за разни надградби. Има должина од 5,12 односно 5,37 метри и носивост од преку еден тон. Како и досегашната верзија, овој пикап ќе се произведува само во фабриките на Mazda во Тајланд и Јужна Африка. Токму овие земји, заедно со Австралија, ќе бидат првите пазари на кои ќе биде понуден по што текот на идната година ќе следат и другите региони каде ќе се продава.

Mazda BT-50 механички е скоро идентична на новата генерација на Ford Ranger, кој неодамна исто така беше освежен. Всушност овие два модела се производ на заедничката компанија на Mazda и Ford, AutoAlliance Thailand, која уште произведува и неколку патнички и теренски возила од овие две марки главно за пазарите во југоисточна Азија и Океанија. Овој капацитет започна со работа во 1998 година.