Mercedes-Benz Sprinter

Трета генерација

Sprinter стигна до третата генерација

Легенда се станува според заслугите, а Sprinter ги има доволно за тоа. Од неговото лансирање во 1995 година Mercedes-Benz има продадено скоро 3,5 милиони примероци. Затоа и појавувањето на неговата нова генерација има големо значење за целата оваа класа возила. „Пристаништето во Дуисбург важи за глобално познато место каде логистиката е на највисоко ниво, така што беше совршено опкружување за претставувањето на новиот Sprinter кој продолжува да ги нуди традиционалните својства што го направија успешен – флексибилноста, робусноста и економичноста. Истовремено, новиот Sprinter импресионира и со модерниот пристап, системите за поврзување и варијабилноста, со што е одлично решение за комерцијални флоти“, рече Фолкер Морнхинвег, челниот човек на Mercedes-Benz Vans.

Третата генерација на Sprinter покрај прогресивниот дизајн донесува удобност и сигурност како кај патничките автомобили, врвна економичност и пониски трошоци за експлоатација заради сервисниот интервал од 60.000 km или 2 години. Една од најважните нови функции кај него е сеопфатната интернет конекција. Новите мрежни услуги Mercedes PRO во комбинација со потполно новиот MBUX (Mercedes-Benz User Experience) мултимедијален систем нудат одлична основа за сите логистички и транспортни барања. Со Mercedes PRO се остварува поврзување на сите возачи и возила во флотата, што овозможува управување на задачите во мрежа, а информациите за возилото како што се локацијата, горивото или интервалите за одржување се на располагање во реално време.

Новиот Sprinter е достапен во доставна, патничка, пикап, шасија, минибус и влекач изведба. Од овие главни типови на каросеријата, со три конфигурации на погонот, различните кабини, должини на каросеријата, меѓуоскини растојанија, носивост, висина на товарниот простор и други параметри, се овозможуваат 1.700 различити комбинации. Најголемо внимание кај него привлече тоа што покрај проверените системи за погон на задните и сите четири тркала, тој е достапен и со погон само на предните тркала. Предностите на ова решение се поголемата носивост за 50 kg и висината на товарање пониска за значајни 80 mm. Sprinter со преден погон ќе биде достапен во три варијанти со вкупна дозволена тежина од 3 до 4,1 тони, меѓуоскини растојанија од 3.259 или 3.924 mm и со 6-степен мануелен или 9-степен автоматски менувач.

Sprinter со погон на задните тркала ќе биде на располагање во варијанти од 3 до 5,5 тони со пет различни меѓуоскини растојанија од 3.250 до 4.325 mm. Мини-влекач верзијата ќе има вкупна дозволена тежина од 8,75 тони, додека најголемиот патнички капацитет на минибусот ќе биде 20 лица. За оние кои работата ги води на тешки терени на кои им треба подобра тракција, Sprinter со погон на сите тркала за прв пат ќе биде достапен со 7G-TRONIC PLUS менувач и редуктор како опција. Понудата на погонски агрегати е концентрирана на познатиот 4-цилиндричен дизел со работна зафатнина од 2,1 литар, кој кај возилата со заден погон ќе биде достапен со 114, 143 и 163 коњски сили, а кај верзиите со погон на предните тркала со 114, 143 и 177 KS, со тоа што најсилната верзија ќе биде на располагање само за камп-возила. Во понуда ќе биде и трилитарски 6-цилиндричен мотор со 190 KS и 440 Nm вртежен момент. Во зависност од погонската група и конфигурацијата, просечната потрошувачка ќе биде меѓу 6,9 и 9,7 l/100 km, а емисијата на CO₂ меѓу 181 и 253 g/km. Идната година Sprinter ќе биде понуден и со електричен погон. Во ван изведбата зафатнината на товарниот простор на Sprinter ќе изнесува од 7,8 до 17 m³, со подница со ширина од 1.787 mm, должина од 2.732 до 4.810 mm и површина од 3,98 до 7,606 m², а висината на просторот за товар ќе се движи од 1.719 до 2.243 mm.

Цените на Sprinter во Германија започнуваат од 19.990 евра без ДДВ.