Mercedes Pick-Up

Подготвени сте за нешто сосема ново?

Пред крајот на декадава Mercedes ќе ја прошири понудата со премиум пик-ап

Во моментите кога ML-класата го напушта овој свет, а на нејзино место доаѓа GLE, од Mercedes-Benz стигнуваат сосема нови и изненадувачки вести, различни од сé што досега сме слушнале. Според нив, германскиот премиум производител планира во наредните пет години да ја прошири својата доставна гама со луксузен пик-ап. Зад овие информации стојат Дитер Цече и Фолкер Морнхинвег, првиот човек на Mercedes-Benz Vans, кои во заедничкото соопштение наведоа дека еден ваков пик-ап добро ќе придонесе за целите на компанијата за глобален раст и дека е дел од стратегијата за интернационална експанзија на доставната гама.

Според нивните зборови, влегувањето на Mercedes во овој сегмент ќе биде со возило со специфичниот дизајнерски идентитет и сите атрибути типични за марката во поглед на сигурноста, удобноста, моторите и вредноста. Идниот пик-ап на Mercedes кој ќе биде направен на основа на најновата генерација на Nissan Navara ќе се произведува во фабриките на Nissan во Шпанија и на Renault во Аргентина. Примарните пазари за овој сé уште неименуван модел на Mercedes ќе бидат Европа, Австралија, Јужна Африка и Латинска Америка. Северна Америка не се спомнува, но за неа ќе биде одлучено до крајот на годинава. Во план е развој на две верзии – луксузна патничка и товарна со носивост од еден тон.