Mitsubishi L200

40 години подоцна…

Нова генерација Mitsubishi Triton

Mitsubishi L200 или Triton како што некаде се вика, стигна до шестата генерација. Со потполно нов дизајн, таа изгледа како да дошла од иднината. Предниот дел е изведен во таканаречениот Dynamic Shield дизајн кој се среќава кај SUV моделите на оваа куќа. Во комбинација со нагласените лакови над тркалата, новиот L200 изгледа доста врло силно и робусно. Променета е и внатрешноста која е значително унапредена во однос на минатата генерација. Нови се инструмент-таблата, средишната конзола и гребенот меѓу седиштата, а во целата кабина се вградени поквалитетни материјали. Моделите со погон на сите тркала се опремени со Super-Select 4WD или Easy-Select 4WD системи. Во обата случаи додаден е Off-road начин на возење кој има четири различни режими: Gravel, Mud/Snow, Sand и Rock, при што последно споменатиот е можен само со вклучен редуктор. Системите интегрирано управуваат со силата на моторот, трансмисијата и сопирачките и ја регулираат количината на пролизгување на тркалата за постигнување на најдобри перформанси на лоша подлога. За спуштање надолу пак, од помош ќе биде Hill Descent Control системот. Направени се одредени измени и на ослонувањето, пред сé назад, така што L200 сега е поудобен за возење, а со бројните сигурносни системи и посигурен. Од моторните опции засега е познат само азискиот 2,4 литарски дизел со 181 коњска сила и 430 њутн-метри кој ќе биде спарен со 6-степен мануелен или автоматски менувач. За Европа сигурно ќе има друг мотор, а во САД овој модел не се продава. Треба да се очекува и бензинска варијанта за земјите од Блискиот Исток и евентуално Русија. Ќе има три изведби на кабината – единечна, продолжена и двојна, а ќе се нуди и со погон само на една оска.

Оваа генерација на L200 Mitsubishi ја претстави точно на 40-годишнината од неговото појавување, до кога имаше продадено 4,7 милиони примероци од неговите претходници. Овој исклучително важен модел за јапонската марка се продава во 150 земји ширум светот, а се произведува во Тајланд.