MST 644

Една машина многу комбинации

Комбинираната машина на MST освен што може да копа и поместува и натуварува материјал, кога ќе се опреми адекватно има можност да нивелира терен, да врши бушење, да руши објекти или пак да копа паралелно

Комбинираните машини кај кои основни задачи се копање и натоварување се омилени, па речиси и неопходен дел од машинските паркови на градежните компании. Затоа и не чуди фактот што производителите обрнуваат големо внимание при проектирањето, како би понудиле опција повеќе од многубројните конкуренти на пазарот.

Таков е случајот и со турската фабрика MST која веќе две децении работи во состав на Sanko Holding.

Во суштина говориме за работен строј од тракторски вид, со оперативна тежина од 9.240 kg. Според општо прифатениот концепт, во предниот дел е монтирана натоварна лопата додека во задниот дел е вграден ровокопач. Заради поголема ефикасност и подвижност, погонот исто како и управувањето се изведени на двете оски.

Механичка основа погодна за наградби

За погон на серијата 642/644 (разликата помеѓу двата модела се сведува на големината на вградените тркала), MST користи четирицилиндерски дизел од 4.4 литри кој го купува од Perkins. Максималната силина од рамно 100 КС како и вртежниот момент од 410 Nm, се обезбедуваат при низок број на вртежи а притоа емисијата на издувни гасови успева да ги исполни Tier 3/Stage III A – нормите. Причините за користење на британските дизели, Турците ги наоѓаат во економичната експлоатација, долговечноста и едноставното одржување.

Производителот посебно ја истакнува цврстата носечка структура која е изработена од посебни челични профили, и која овозможува лесна надоградба на бројни приклучоци како во натоварната така и во ровокопачката секција.

Преносот на сите четири тркала се одвива преку автоматски менувач кој располага со 4 степени за движење напред и исто толку за назад. Карактеристика на овој менувач е мекото менување на степените и бирањето на најефикасен преносен однос за пренесување на вртежниот момент.

Слично како и кај помалите серии на MST, и моделите 642/644 располагаат со можност за управување со сите четири тркала. Во зависност од потребите операторот може да избере еден од трите мода. Во секој од нив предните тркала се вртат додека задните може да останат статични, да се вртат во спортивна насока од предните или пак во иста насока со нив. Предностите на сите три модови многу добро им се познати на изведувачи те кои треба да оперираат на широк простор, на тесно ограничено градилиште или пак да работат паралелно со некоја статична препрека.

Прецизна хидраулика

Хидрауличниот мотор може да испорача притисок од максимални 250 бари. Тој податок е доволна гаранција за ефикасно извршување на задачите, но конструкторите на оваа комбинирана машина се потрудиле да вградат додатна клипна пумпа која заедно со посебен ветил за прераспоредување на притисокот, при паралелна работа овозможуваат распределбата да се одвива спрема оптовареноста на секоја секција.

Применетиот систем овозможува предниот дел, кој во сериска изведба е опремен со лопата од 1,2 m³, да подигнува товар од цели 3.500 kg, додека ровокопачот со корпа од 0,20 m³ да ископа (или подигне) тежина од 6.424 kg.

Широк спектар на можност

Кога механичките капацитети ќе се искомбинираат со голем број на специјални приклучоци, комбинираната машина добива разноврсност која навистина ќе знае да покрие широк опсег на работни задачи. Во конкретниот случај тоа значи дека основните функции, преместување и ископување на метријал, употребувајќи разни приклучоци можат да се надополнат со посебни лопати за натоварување или нивелирање на терен, потоа со вградување на бушилка, кршач или посебни вилушки за преместување на дрвени столбови, кои се монтираат во задниот дел. На посебно дизајниран држач кој се движи паралелно со корпата може да се приклучат разни додатоци за уредување на стрмни терени.

Всушност разноврсната примена заедно со економичната екплоатација и со крајно едноставното одржување, го промовираат моделот MST 644 во една од најблагодарните машини посакувани од широк круг корисници.