MST M220LC

Доверливоста како врвен приоритет

Дваесет-тонскиот багер на турскиот производител наоѓа примена во широк опсег на апликации помеѓу кои се истакнуваат изградбата на стамбени и инфраструктурни објекти, а посебно при употреба во урбаните средини

Поширокиот регион го запозна турскиот производител првенствено по нивните комбинирани машини кои се веќе одомаќени кај голем број корисници, како во матичната земја така и надвор од неа. Охрабрени од одличните искуства, менаџментот на фабриката одлучно зачекорува и на полето на багерите. Поголемиот модел M300LC заедно со дваесет-тонскиот багер M200LC се избрани да ја надоградуваат довербата стекната со досегашните продукти кои доаѓаат од погоните сместени на крајниот исток на Турција.

Слично како и при изработката на триесет-тонскиот багер исто и во M200LC производителот користи проверени компоненти од светски производители. Како пример може да послужи погонскиот мотор, дело на германски Deutz, кој покрај врвниот квалитет ги исполнува европс ките Stage III-A и американските EPA Tier 3 норми против загадување. Соработката со јапонскиот Kawasaki во делот на хидрауликата е на линија на бројни европски производители кои користат идентични компоненти.

Практичност

Кога во средиштето на конструкторскиот интерес ќе се стават економичната експолатација и ефикасноста при работните апликации, сето останато се подредува на задачата за исполнување на тие две големи цели. Тука турците не знаат за компромис.

Во таа насока, а во зависност од видот на работната задача, операторот може да избере еден од трите мода на работа: E (Economy), S (Standard) и P (Power& Speed) со кој се регулира ангажираноста на потребната моќност.

Се разбира, за товарање на лесни материјали се користи економичниот мод при што моторот работи на пониски вртежи, а во хидрауличниот систем се генерира помал работен притисок со што се трошат минимални количини на гориво. За товарење се користи стандардниот мод додека за потешките работни апликации како што е на пример копањето низ цврсти терени, се употребуваат сите 156 КС кои ги испорачува германскиот мотор.

Исто така, во зависност од поставениот приклучок, операторот со едноставни команди на екранот, може да ја избере соодветната подесеност на испорака на силината наменета токму за тој приклучок. Кога сме веќе кај командувањето да истакнеме дека силината автоматски се распределува помеѓу работната рака и движењето на багерот при што операторот има можност да ја превземе контролата и со едноставна команда да го одреди својот приоритет.

Ако ситуацијата бара додатно зголемување на моќноста, со активирање на копчето Power Boost, моторот може краткотрајно да испорача додатни 8% силина.

Цврста шасија

Носечката структура на M200LC, изработена во облик на буквата “X”, е заварена од роботи при што екстремно цврстите челични легури меѓусебно се споени со извонредна прецизност. Од друга страна размерот на гасениците (широчина 60 cm и нагазна должина од 354 cm) обезбедува одлична стабилност. За олеснет пренос се грижат по 9 ролери кои се вградени на гасениците. Ако кон ова ги додадеме и темелно изведената механичка заштита како и централното подмачкување, лесно доаѓаме до заклучокот за робусноста на целиот систем.

Погонскиот мотор кој го испорачуваат германците од Deutz, има линиско поставени четири цилиндри, и од работен волумен 4.764 ccm, при 2.000 вртежи во минута ослободува максимални 156 КС. Тој ги покренува двете аксијални хидраулични пумпи со променлив волумен кои генерираат притисок во зависност од моменталната оптеретеност. Овој сет на генератори во пракса се покажува како сосема доволен за багер кој оперативно тежи 22.500 kg а во двата степени на пренос може да се движи со брзина 3,1 односно 4,9 км/ч. Вкупната должина на багерот од 9,57 и височината од 2,98 метри со должина на работната рака од 5,80 и стрелата од 2,60 (опциски 3,10) m, ја потполнуваат сликата за големината на M200LC.

Врвна изолираност на кабината

Работното место на операторот е дизајнирано со цел максимализирање на видното поле. Во подршка на таа функција е додадена и камера на задниот дел како и вградените светла на предниот и задниот дел. Кабината е поставена на четири хидраулични држачи кои имаат задача за пригушување на вибрациите а за удобно чувство на операторот се грижи и амортизираното седиште кое може да се подесува во сите правци.

Во опремата на багерот стандардно доаѓаат ефикасното проветрување и клима уредот а по желба може да се порача и отвор на кровот.

Логично поставените команди со два „џојстика“ на двете страни, се надополнети со команден екран на кој може да се следат сите параметри. Во случај на појава на некоја неправилност при работата, освен што се појавува индикатор на екранот, тој податок се меморира и при сервисните интервенции ја пријавува аномалијата.

Како што е веќе стандардизирано кај повеќето работни машини, сите сервисни точки се групирани на едно место, а тоа знаеме дека значително го скратува времето во кое багерот е вон употреба. Како специфика на машината на MST е вградувањето на филтер за вода, кој при негово преполнување може да се испразни од кабинскиот простор.

Накратко, багерот M200LC е коснтруиран многу прагматично: тој треба да служи верно и долго и притоа да не бара претерано внимание.

Модел MST M220LC
Мотор Deutz од 156 КС
Оперативна тежина 22.500 kg
Капацитет на корпата 1,00-1,10 m³