MST M300LC – Багер со гасеници

Класиката и довербата се секогаш во мода

Триесеттонскиот багер на турскиот производител своја примена наоѓа во каменоломи, при изградба на стамбени и инфраструктурни објекти како и при употреба во урбани средини

До неодамна MST го знаевме како производител на комбинирани машини кои се веќе одомаќени кај голем број корисници како во матичната земја така и во поширокиот регион.

Охрабрени од одличните искуства, менаџментот на фабриката одлучно зачекорува и на полето на багерите. Моделот M300LC е избран да ја надоградува довербата стекната со досегашните продукти кои доаѓаат од погоните сместени на крајниот исток на Турција.

При изработката на триесеттонскиот багер производителот користи проверени компоненти од светски производители. Како пример може да послужи погонскиот мотор, дело на германски Deutz, кој покрај врвниот квалитет ги исполнува европските Stage III-A и американските EPA Tier 3 норми против загадување.

Економичната експлоатација како врвен приоритет

Кога во средиштето на конструкторскиот интерес ќе се стават економичната експолатација и ефикасноста при работните апликации, сето останато се подредува на задачата за исполнување на тие две големи цели.

Во таа насока, во зависност од видот на работната задача операторот може да избере еден од трите мода: E (Economy), S (Standard) и P (Power& Speed) со кој се регулира ангажираноста на потребната моќност. Се разбира, за товарање на лесни материјали се користи економичниот мод при што моторот работи на пониски вртежи, а во хидрауличниот систем се генерира помал работен притисок, додека за потешките работни апликации како што е на пример копањето на цврсто тло, се употребува целата расположлива ергела.

Исто така, во зависност од поставениот приклучок, операторот со едноставни команди на екранот, може да ја избере соодветната подесеност на системот наменета токму за тој приклучок. Кога сме веќе кај командувањето да истакнеме дека силината автоматски се распределува помеѓу работната рака и движењето на багерот при што операторот има можност да ја преземе контролата и со едноставна команда го одреди својот приоритет.

Ако ситуацијата бара додатно зголемување на моќноста, со активирање на копчето Power Boost, моторот може краткотрајно да испорача додатни 8% силина.

Капацитетна носечка структура

Носечката структура на M300LC, изработена во облик на буквата „X“, е заварена од роботи при што екстремно цврстите челични легури меѓусебно се споени со извонредна прецизност. Од друга страна размерот на гасениците (широчина 60 cm и нагазна должина од 401 cm) обезбедува одлична стабилност. За олеснет пренос се грижат по 9 ролери кои се вградени на гасениците. Ако кон ова ги додадеме и темелно изведената механичка заштита како и централното подмачкување, лесно доаѓаме до заклучокот за робусноста на целиот систем.

Погонскиот мотор кој го испорачуваат Германците од Deutz, има линиско поставени шест цилиндри и од работен волумен 7.150 ccm, при 2.000 вртежи во минута ослободува 214 КС. Тој ги покренува двете аксијални хидраулични пумпи со променлив волумен кои генерираат притисок во зависност од моменталната оптеретеност. Овој сет на генератори во пракса се покажува како сосема доволен за багер кој оперативно тежи 31.300 kg а во двата степени на пренос може да се движи со брзина 3,1 односно 4,9 км/ч.

Вкупната должина на багерот од 10,6 и височината од 3,36 метри со големина на работната рака од 6,25 и стрелата од 2,60 (опциски 3,10) m, ја потполнуваат сликата за големината на M300LC.

Пријатен амбиент во кабината и едноставно оддржување

Работното место на операторот е дизајнирано со цел максимализирање на видното поле. Во подршка на таа функција е додадена и камера на задниот дел како и вградените светла на предниот и задниот дел. Кабината е поставена на четири хидраулични држачи кои имаат задача за пригушување на вибрациите а за удобно чувство на операторот се грижи и амортизираното седиште кое може да се подесува во сите правци.

Во опремата на багерот стандардно доаѓаат ефикасното проветрување и клима уред а по желба може да се порача и отвор на кровот.

Логично поставените команди со два „џојстика“ на двете страни, се надополнети со команден екран на кој може да се следат сите параметри. Во случај на појава на некоја неправилност при работата, освен што се појавува индикатор на екранот, тој податок се меморира и при сервисните интервенции ја пријавува аномалијата.

Како што е веќе стандардизирано кај повеќето работни машини, сите сервисни точки се групирани на едно место, а тоа знаеме дека значително го скратува времето во кое багерот е вон употреба. Како специфика на машината на MST е вградувањето на филтер за вода, кој при негово преполнување може да се испразни од кабинскиот простор.

Накратко, багерот M300LC е коснтруиран многу прагматично: тој треба да служи верно и долго и притоа да не бара претерано внимание.