Nissan Titan Warrior

Воинствен до зла бога

Каков ли ќе биде тој салон на автомобилите во Америка ако нема барем еден пикап со мачо изглед?!

Доказ дека човекот не секогаш е рационално суштество е токму присуството на вакви пикапи на секој салон на автомобилите преку океанот. Во тој контекст Nissan Titan Warrior е еден од поекстремните. Иако деклариран само како концепт, Американците толку се насладуваа со него што добивме впечаток дека Nissan ги слушна и дека нема многу време да помине кога овој мачо пикап висок 207 сантиметри ќе започне да се тркала по нивните патишта. Како често бива, бесниот off-road изглед е само за покажување но во случајот на Titan Warrior тој е надградба која ги демонстрира способностите на серискиот модел.

Ослонувањето му е специјално доработено, а растојанието од подлогата дополнително зголемено за три инчи, исто колку и ширината за да може мускулестото тело да ги прими 37 инчи високите гуми (94 сантиметри). Со нивната грубост ќе се справува петлитарскиот Cummins дизел со 310 коњски сили и бескраен вртежен момент од 752 Nm, спарен со задолжителната автоматика. Агресивноста се искажува и преку бојата на каросеријата налик на онаа на пиштолите, со портокалови и црни детали кои се прелеваат и во раскошната внатрешност. А во неа, за зголемување на агресивниот впечаток, покрај деталите од карбон и алуминиум се среќаваат и централно поставените дополнителни инструменти и типично американски (пре)натрупаната со копчиња централна конзола.

На познавачите на пазарот на пикапи во САД тешко им беше да се оттргнат од впечатокот дека Titan Warrior е многу повеќе од концепт, дека е само дел, да не кажеме најава за многу поголемите планови што Nissan ги има. Нам ни е потешко да го сфатиме тоа затоа што не го познаваме серискиот модел со исто име, кој всушност е семејство на пикапи со повеќе меѓуоскини растојанија, кабини, погонски опции… Не ја познаваме ниту неговата продажна историја, од која ќе ги издвоиме 2005-тата кога за Titan се решија 97 илјади купувачи во САД и ланската 2015-та (или пак поланската 2014-та) кога стигна до едвај 12 илјади продажби.

Во својата американска понуда Nissan има уште еден помал пикап, моделот Frontier кој всушност е тамошна верзија на Navara.