Peugeot Boxer и Citroen Jumper Electric

Паневропска електрична кооперација

► PSA групата ги претстави електричните Peugeot Boxer и Citroen Jumper

Во напливот на електрификацијата комерцијалните возила останаа запоставени. Неправедно мора да кажеме, бидејќи производителите се фокусираа на трендовите и на автомобилите, кои носат повеќе пари. А токму доставните возила се идеални кандидати за добивање електричен погон. Сериозен дел од нив се користат за дистрибуција на стока. Нивната дневна километража повеќе или помалку е константна, а ноќта ја поминуваат паркирани во депоата на фирмите. Плус на тоа голем дел од европските градови го ограничуваат нивниот сообраќај во урбаните јадра заради емисиите на издувни гасови и бучавата. Затоа и зачудува тоа што електрични доставни возила има толку малку на пазарот.

Дека ситуацијата ќе се смени ветува PSA групата, која веќе ги подготви електричните верзии на Peugeot Boxer и Citroen Jumper. Тие ќе бидат понудени во неколку изведби, согласно потребите на купувачите. Пократките варијанти ќе имаат автономија од 230, а подолгите од 270 километри. Направени се во соработка со британскиот партнер BD Auto, кој ја обезбеди погонската група. За неа засега нема никакви детали, дури ниту за моќноста на електромоторите. Од PSA сепак потврдија дека веќе идната година ќе бидат лансирани и електричните верзии на Peugeot Expert и Citroen Jumpy, како и нивните изведби со знакот на Opel. Додадоа уште дека во план е електрификација и на Partner, Berlingo и Combo, кои ќе пристигнат една година подоцна. Сето ова е во согласност со стратегијата до 2023-тата сите патнички и доставни модели на групацијата да имаат изведби со електричен погон.