PowerCore технологија на Donaldson

Сахара и Сибир рака под рака

Сахара и Сибир немаат ништо заедничко, освен дека човекот одамна ги има скротено – Сахара со камили, а Сибир со што-и-да-е

Така било некогаш, а сега место камили и што-и-да-е, се користат камиони, и тоа истите и таму и таму. Тоа ги става на мака нивните конструктори како да направат истиот производ успешно да задоволува суштински спротивставени услови за работа. Но тие сепак си ја знаат работата, посебно оние во Mercedes, кој како најголем производител на камиони во светот е присутен насекаде, на секое ќоше од земјината топка, па и во Сахара и Сибир. Германците навистина добро знаат како да ја направат механиката очи во очи да се справи со најголемите предизвици, но сепак за да се изборат со она што не го гледаат напомош ги повикуваат своите сојузници – добавувачите.

Еден од главните и најподмолните непријатели на моторот е прашината, која во Сахара ја има на тони. Ја има и во Сибир, само што таму не се гледа, што ја прави уште поподмолна. Секое зрнце прашина колку е помало, толку е поподмолно. Го уништува моторот тивко и долготрајно, болно и за него и за неговиот сопственик. Секако, може да се стави филтер голем колку буре што ќе запре сé и сешто и нема да дозволи ниту најмалото зрнце прашина ни да се доближи до всисните канали на моторот, но тогаш камионот би имал сила колку еден тротинет. Да е така, камилите и што-и-да-е повторно би биле владетели на Сахара и Сибир.

Во основа, нема некоја филозофија кај филтрите за воздух – парче груб материјал (хартија), свиткано цик-цак за да има поголема површина, ја собира нечистотијата од воздухот кој за поголема ефикасност на филтрирањето го менува својот правец во куќиштето на филтерот за да дел од честичките се наталожат. Експертите од Donaldson со својата PowerCore технологија ги предизвикаа токму овие основни принципи – изумија иновативен нанофибер материјал кој е високоефикасен (и до 99,95%) и низ кој воздухот се движи низ еден вид канали без да го менува правецот. Тоа овозможува значително покомпактна конструкција на филтрите и нивно вградување таму каде нема место за поголем филтер а се бара поголема сила – на пример кај воените теренски возила наменети за екстремни услови за експлоатација. Заптивањето на филтрите им е радијално, немаат метали делови, а собираат двојно повеќе нечистотија отколку конкурентските решенија со ист волумен.

Освен поголемата ефикасност, PowerCore технологијата на филтрирање обезбедува екстра заштита на моторот и со тоа што нема поместување, ширење или собирање на материјалот за филтрирање, така што освен што помалку прашина и нечистотија доаѓа до моторот, таа останува задржана на едно место и при сервисирање нема да се раздвижи каде не треба. Со нив ќе бидат задоволни и продавачите на резервни делови бидејќи заради помалата големина на филтрите ќе заштедат на трошоци за транспорт а тие ќе им зафаќаат помалку место во магацините.

За целосно покривање на потребите на клиентите, Donaldson има развиено две основни семејства производи со оваа технологија на филтрирање. Првото има ознака PCD и кај него филтрирањето е едностепено, додека второто со ознака PSD располага со двостепена филтрација, при што предсепарационата комора е аплицирана во самиот филтер со што компактните димензии се зачувуваат и покрај супериорните својства за филтрирање. Испробана е на милиони возила во сите можни и неможни услови за работа и гарантира максимум перформанси во температурен распон од -40 °C (Сибир) до +82 °C (бетер од Сахара). Се произведува за мотори кои бараат проток на воздух до 42,2 m³ во минута (27,6 за PCD семејството), во различни пакувања за различни видови монтажа. Сите се карактеризираат со лесно сервисирање бидејќи не е потребен никаков алат за отстранување на поклопецот на филтерот.

Не случајно го споменавме Mercedes на почетокот – Donaldson има развиено специјализирани решенија со PowerCore технологија за нивните камиони кои според истражувањата имаат ефикасност од 99,97% (останатите премиум филтри типично 99,85%) и за 22% подолг работен век. Исто така многу важно е и што Daimler ги има признато овие производи како компетентни и со нивно вградување не се нарушуваат гаранциските услови на возилата.