Rasco претстави нов чистач на улици
► Уште во фаза на тестирање, првиот примерок од новиот Lynx беше продаден, и тоа во Норвешка
Како одговор на барањата и предизвиците со кои се соочуваат комуналните работници при одржување на современите урбани средини, хрватската компанија Rasco го претстави својот нов производ – компактниот чистач Lynx. Во овој проект се вложени 4 милиони евра, а од него се очекува во иднина приходите на компанијата да ги зголеми за 50 отсто. Претседателот на управата на Rasco Иван Франичевиќ на претставувањето на ова комунално возило истакна дека првенствената негова намена е одржување на градски сообраќајници, тротоари и паркиралишта во урбаните центри – собирање на прашина, лисја и помалку крупни отпадоци.
Lynx е компактен вакуумски чистач чиј агресивен и модерен дизајн ги поврзува напредната естетика и функционалност. Моќен, удобен и едноставен за користење, тој е обликуван според барањата на корисниците. Главните предности покрај врвниот дизајн му се комфорот, ефикасноста, автономијата и подвижноста. Lynx има единствен и прегледен дизајн на кабината со удобна положба на седење, при што обете четки се во видното поле на операторот. Седиштата за возачот и совозачот имаат воздушни амортизери, додека кабината е опремена со автоматски систем за климатизација и продолжен покров кој штити од директна сончева светлина. Системот за управување е лесно достапен и интуитивен за употреба. Сите функции поврзани со возењето се сместени на столбот на управувачот, а најчесто користените функции за чистење вградени во наслонот за раце на возачката врата.
Тивкиот но силен всисен вентилатор со капацитет од 9.000 m³/h задвижуван со хидрауличен систем чувствителен на оптоварувањето во комбинацијата со посебно конструирана всисна уста осигурува најголеми перформанси на чистење во класата на компактни чистачи. Прашината, песокта, големите количини лисја па дури и шишиња полни течности не претставуваат препрека. Рециркулацијата на вода осигурува мазен проток на собраниот материјал и дополнително сузбивање на прашината. Заради големите резервоари за отпад, вода и гориво може да работи цела смена без потреба за враќање во базата. Компактните димензии и системот за вртење на обете оски во работен режим му даваат одлични способности за маневрирање во тесните урбани простори. Хидропневматското ослонување со променлива височина го олеснува влегувањето во ниски простори како што се подземните гаражи и во комбинација со големите тркала и високото отстојание на всисната уста од тлото одлично совладување на високите ивичници.
Lynx без проблем ќе совлада нагиб до 30%. Максималната брзина му е околу 50 km/h, а градските служби можат да го користат во текот на целата година, со што освен хигиената се подобрува и квалитетот на воздухот. Моторот му е VM R754 Euro6 C дизел со максимална силина од 62 kW, резервоарот за гориво 65 литри, а работната брзина 12 km/h. Максималната ширина на чистење со 2 четки изнесува 2,8 а со 3 четки 3,2 метри, а брзината на вентилаторот 3.500 вртежи во минута. Волуменот на резервоарот за отпад е 2 m³, за чиста вода 230 литри, а рециркулацискиот резервоар 170 литри.
Компанијата Rasco чие седиште е во местото Калиновац на самата граница со Унгарија кое има едвај 1.600 жители, настана пред 30 години, а денес своите производи ги извезува во 40-тина земји на пет континенти. Годишниот приход на групата лани изнесуваше 20-тина милиони евра, а во овој момент вработува околу 400 луѓе, од кои 340 во Калиновац каде е и главната фабрика и 60-тина во Сента, Србија. Главниот дел на производствената програма се однесува на приклучни машини за одржување на сообраќајниците, летно одржување на вегетација, крански косилки, снежни плугови и посипувачи, четки за снег, мијачи на коловози и широк спектар надградби за различни типови возила. Според плановите за развој тоа и понатаму ќе остане доста важен дел на понудата на производи, но самоодните машини за чистење како што е Lynx во иднина ќе имаат значаен дел во приходите. Франичевиќ верува дека овој проект ќе и овозможи на компанијата да стартува со идната фаза на развој, примарно преку значајно зголемување на извозот кој веќе сега достигнува 80 отсто од вкупните приходи. Самиот факт дека Rasco е присутен на 40-тина светски пазари претставува предност, со оглед дека нивните производи се изразито високотехнолошки.
Основачите и сосопственици на компанијата Дарко Павиша и Фране Франичевиќ кои бизнисот го започнаа како мала занаетчиска работилница истакнаа дека Lynx е круна на нивните долгогодишни настојувања да заокружат една производствена програма за одржување на сообраќајници и чистота на градовите. Истакнаа дека оваа машина посебно се одликува со својот дизајн и во конкуренција со полно други вакви чистачи сметаат дека е најубава. Како куриозитет, можностите на возилото ги тестираше и рели возачот Јурај Шеваљ, кој беше изненаден со функционалноста и подвижноста на Lynx. За него уште додека беше во фаза на тестирање, пред да му започне официјалната продажба, Rasco доби десетина нарачки – првата беше од Норвешка.