Renault Duster Oroch

Гаучосите со нова коњица

Со Duster Oroch, Renault се проширува и на пазарот на пикапите

На повидок е нова пресвртница во стратегијата на француската марка – како нуспродукт на својата глобализација, таа на јужноамериканските купувачи ќе им понуди модерен и издржлив пикап. Одбележувајќи ја својата премиера на салонот на автомобилите во Буенос Аирес, Renault Duster Oroch истовремено одбележа и почеток на една нова ера. Првиот пикап на францускиот производител е базиран на нам добро познатиот теренец Dacia Duster, кој во многу земји во светот, вклучително и латиноамериканските, се продава под ознаките на Renault. Причината зошто токму овој регион е избран за лансирање на новиот производ е што таму годишно се продаваат околу милион возила од овој тип. Суровите услови за експлоатација – не само климатски – им погодуваат на конструкцијата на евтиниот Duster, така што Французите имаат право за новиот пикап да кажат дека е докажано робусен и издржлив. Четирите врати обезбедуваат беспрекорна пристапност кон дарежливиот внатрешен простор со пет седишта, а големиот товарен дел му ја обезбедува потребната функционалност.

Renault го најави овој модел лани во Бразил со истоимениот концепт, кој во голема мерка даде прилично точна слика како ќе изгледа производствената верзија. Во Аргентина Duster Oroch најверојатно ќе биде на располагање со истите 1,6 и 2,0 литарски бензински мотори со 110 односно 143 коњски сили од обичниот Duster. Во моментов нема најави за негово лансирање во други региони, но би било несериозно ако во Renault не кројат планови за тоа.