Renault Maxity

Алката која ќе недостасуваше

Renault е една од двете глобални марки чиј амблем може да се сретне на возила од сите категории: патнички, доставни, камиони, автобуси…

Возилата со дијамантскиот знак на носот ги има не само од сите категории, туку и од сите големини. За да биде така Французите мала помош добија од својот јапонски партнер Nissan. Имено, постои дупка во производствената програма на Renault меѓу доставните возила и камионите, каде најмалиот од дистрибутивната D серија е од десеттонската категорија. Така, за пополнување на просторот меѓу него и доставниот Master се посегна во глобалната гама на Nissan која се состои од модели токму од оваа тежинска категорија. Значаен импулс беше и тоа што Јапонците за Европа ги произведуваат своите лесни камиони во фабриката во Авила, Шпанија.

И така, помалиот од нив познат како Nissan Cabstar стана Renault Maxity. Овој модел со азиски компактни габарити е во понудата на францускиот производител уште од 2007 година но воопшто не е застарен ниту дизајнерски, ниту технолошки. Напротив, годините зад него се плус за купувачите, затоа што за пристојна цена веќе од околу 25.000 евра се добива докажано издржливо и постојано унапредувано возило со отстранети сите забележани недостатоци што вообичаено ги следат поновите модели. На располагање е во 4×2 конфигурација во верзии од 3,5 и 4,5 тони, со единечна и двојна кабина и избор од три мотори. Сите се со Euro 5b+ стандард, со зафатнина од 2,5 литри и имаат 120, 140 и 150 коњски сили и максимален вртежен момент од 250, 270 и 350 Nm. Трансмисијата е преку пет и шестстепен мануелен или шестстепен автоматски менувач на задните двојни 15-инчни тркала, поврзани со самоблокирачки диференцијал. Сопирачките на сите тркала се дискови, засилени со ABS, EDB и ESC системи, а за полесно тргнување на нагорници Maxity може да биде опремен со Easy Hill Start систем кој ја елиминира употребата на рачната сопирачка при тоа. Ослонувањето напред е независно, а назад со вообичаените лиснати пружини, што заедно со лесната конструкција му обезбедува широкограда носивост.

Голема предност на ова да го наречеме камионче се димензиите – ширината од 1,87 метри и висината од нешто над 2,1 метри. Должината на шасијата е меѓу 3,48 со единечна односно 2,65 метри со двојна кабина и 4,96 метри, а на целото возило од 5,19 до 6,67 метри. Меѓуоскиното растојание му изнесува 2,5, 2,9 односно 3,4 метри, а значајна маневарска особина е релативно малиот дијаметар на свртување од 9,6 метри. Во 2011-та овој модел беше редизајниран и технички обновен, при што му беа продолжени сервисните интервали на 40.000 km. Во поглед на одржувањето значајно е и тоа што е опремен со OCS системот за надгледување на периодот на замена на маслото, кој при секое стартување на моторот го информира возачот уште колку километри може да помине. Работата на овој систем е базирана на тоа колку моторното масло е деградирано како резултат на бројот на поминати километри.

Во 2010 година Renault Trucks започна со експериментално користење на електрична верзија на Maxity. Позитивните резултати набргу го сместија овој иновативен градски дистрибутер во редовната понуда, но за него во некоја друга прилика.