Renault Trucks

Проект FALCON

Проектот FALCON е насочен кон создавање комбинација на камион и приколка, односно влекач и полуприколка која ќе покаже колкави се потенцијалите за намалување на потрошувачката на гориво, а со тоа и емисиите на CO₂ преку иновативниот дизајн

Пониската потрошувачка повторно е во фокусот на развојот на возилата на Renault Trucks. После Optifuel Lab 1 и Lab 2 и во поскорешно време со проектот Urban Lab 2 кој ги вклучува и возилата за дистрибуција, Renault Trucks сега се зафати со развој на нови експериментални комбинации осмислени да потрошат за 13% помалку гориво отколку стандардно товарно возило. Renault Trucks го води проектот FALCON (Flexible & Aerodynamic Truck for Low CONsumption – флексибилен и аеродинамичен камион за ниска потрошувачка) со конзорциум партнери што го сочинуваат Faurecia, Michelin, Total, Fruehauf, Wezzoo, Benomad, Styl’Monde, Polyrim, Enogia, IFPEN, École centrale de Lion (LMFA) и IFSTTAR (LTE; LESCOT), со финансиска поддршка од државата преку FUI Regions фондот. Техничките достигнувања имаат за цел да постигнат максимален поврат на трошоците во рок од две години во нормални услови на работа, со цел на среднорочен план да се започне со производство. Развојот е фокусиран на оптимизација на аеродинамиката на комбинацијата на камион и приколка, заедно со пневматиците со низок отпор на тркалање и помош во возењето, функции во управувањето со горивото за заштеда на енергијата, подобрување на погонот користејќи систем за рекуперација на топлината и оптимизирани формулации на мазива. Се планира овие технологии да бидат интегрирани во демо-возило и тестирани во реални услови на возење до крајот на 2018 година.

Новата лабораторија на тркала која ќе произлезе од проектот FALCON кој ќе се заврши во 2020 година ќе послужи Renault Trucks да направи проценки на технологиите кои имаат за цел намалување на потрошувачката на гориво, но и за подготовка за идните ЕУ прописи за емисиите на CO₂ за тешките товарни возила, заедно со спецификациите и димензиите на новите возила и пневматиците за нив.