Rimo PL7

Место за уште еден автомобил

► Литванскиот производител на надградби за камиони за превоз на автомобили Patikima Linija претстави конструкција на која собира 10 возила

Камионите за превоз на автомобили се дефинирани со три фактори – висината на товарење, ширината и тежината, а нивната комбинација ги прави повеќе или помалку ефикасни. Оптимален би бил оној со ниска тежина но сé уште доволно робусен да ги издржи оптоварувања (помалата тежина значи и поголема носивост) оти штетата во случај на хаварија може да биде доста голема. Треба лесно да се трансформира и прилагодува на потребите, односно возилата што се превезуваат, но не и да биде премногу софистициран како за користење, така и за одржување. Дека треба долго да трае се подразбира, а последно но не и најмалку битно, е да има разумна цена.

Водејќи се со сите овие фактори, Литванската компанија Patikima Linija ја подготви платформата Rimo PL7, на која во комбинација со влечниот камион (таканаречена суперструктура) собира 10 возила – за едно повеќе од сегашните, што автоматски значи за 10% помали транспортни трошоци. Тие уште наведуваат и дека нејзината целосно галванизирана и модуларна конструкција има широчина меѓу тркалата од 2.010 милиметри, како и зголемена носивост – севкупно сосе камионот, тежината не надминува 18 тони. Оските се производство на BPW, а системот за сопирање, ослонувањето и стабилизаторот на Wabco. Приклучниот механизам е на Orlandi, а хидрауликата на Danfos. Товарењето и симнувањето на возилата е лесно и функционално и трае помалку од 30 минути.