Sandvik LH203

Висок поглед одоздола

Од Шведска доаѓа интересен компактен и лесен утоварувач за подземното рударство

За шведскиот челик сите знаеме дека е најдобар, но за шведското рударство малку знаеме. Така, можеби сте знаеле или можеби не како нас, дека Шведска има само 18 рудници но е далеку најголем европски производител на железна руда и еден од водечките кај базните и прецизните метали. Всушност поголемиот број денес добро познати шведски индустриски компании своите историски корени ги имаат токму во рударството. Една од нив која остана верна на традицијата е групата Sandvik. Основана во 1862 година, оваа компанија во јавноста повеќе е позната по своите алати кои веќе не се дел од нејзината програма. И покрај глобалните прегрупирања, аквизиции и спојувања, фокусот на нејзината специјализација остана рударството. Sandvik денес всушност е водечки снабдувач на опрема, алатки, услуги и технички решенија за рударство.

За да остане така, Швеѓаните вредно работат на изнаоѓањето врвни решенија кои ги следат барањата на рударството за подобра ефикасност и поголема безбедност. Понудата на машини и опрема им е обемна и сеопфатна, но ние сега ќе се задржиме само на еден интересен компактен и лесен утоварувач за подземното рударство, моделот Sandvik LH203 кој е дел од семејството кое брои 15-тина дизел, електрични и нископрофилни модели распослани во тежински категории од 1 до 25 тони. Сите се карактеризираат со екстремна продуктивност и издржливост. Оние кои ги познаваат за нив ќе кажат и дека се моќни, со одлични маневарски способности, дека имаат огромен капацитет за нивната големина и обезбедуваат ниски трошоци по тон материјал. Развиени се за најтешките подземни работи, земајќи ги предвид и целокупната економичност и безбедност при тоа. Оптимизираните носечки компоненти ги обезбедуваат издржливоста и долготрајноста, моќните мотори и напредните погонски решенија ја гарантираат исклучителна продуктивност, погонот на четирите тркала, зглобната конструкција со агол на прекршување од 40° и тристепената трансмисија способностите за маневрирање низ рударските окна а напредните технологии и ергономските контроли лесното и пред сé безбедно ракување како за операторот, така и за оние околу машината. Битно е да се напомене и дека утоварувачите со дизел мотор каков што е LH203 се опремени со ефикасни агрегати со ниски емисии.

Моделот за кој зборуваме е втор по големина во понудата, има капацитет од 3.500 килограми и се карактеризира со најдобар однос на сопствената тежина и носивоста во класата. Карактеристика му е и уникатниот начин на полнење на корпата што обезбедува висок степен на пополнетост, односно искористеност на нејзиниот простор кој може да биде од 1,4 до 1,8 m³. Малите габарити (должината му е 7,04 метри, а широчината само 1,48) и растојанието од подлогата од 260 mm му ја даваат подвижноста неопходна во тесните рударски јами, а големата височина од 1,84 метри и тесните гуми со димензии 12.00-20 гарантираат лесна навигација низ нив. Моќниот Deutz BF6L914 мотор со 95 коњски сили обезбедува сила на подигнување од 61 kN и на наклон од 55 kN, а заедно со оперативната тежина од 8.700 kg придонесува и за продолжен век на траење на гумите и намалена потрошувачка на гориво. За поголема економичност и ефикасност во работењето зафатите за дневно одржување се вршат на самото место, а за издржливоста гарантира искуството на фирмата подолго од еден ипол век.

Во врска со тоа ќе додадеме само уште и дека една од опциите со кои може да се испорача Sandvik LH203 е пакет за работа во поларни услови (или арктички, како што тие наведуваат) кој врши предгреење на моторот и хидрауличното масло, а за комплетноста на сработеното од страна на инженерите дека паркирните светла на машината се во ЛЕД технологија за заштеда на акумулаторите.