Sennebogen 830R-HDD

Германската долга работна рака

Изградена врз исклучително цврста основа поставена на гасеници, 830R-HDD со својата универзалност и дофат кој надминува 18 метри, ќе биде добредојдена на местата каде што треба да биде преместена (или срушена) голема количина на материјал

Германскиот производител на кранови и машини за преместување на материјал, корисниците ширум светот го познаваат по ефикасноста и доверливоста, но и според универзалната примена на цела линија на производи.

Кога се располага со така широк опсег на специјални изведби, нормално е да се очекува и богато портфолио на добавувачи на компоненти. Таквиот пристап, иако непопуларен кај сервисерите, овозможува избор на најефикасни компоненти поединечно за секоја специјална машина.

Моделот кој го разгледуваме според основната конструкција припаѓа на групата багери-гасеничари со тоа што постои цела низа на можноста со кои се оплеменуваат механичките можности. Тука пред сé се мисли на долгата работна рака и стрелата кои може да досегнат и растојанија над 18 метри. Потоа, кабината може да ротира околу својата оска, да се подигнува и навалува и до 30 степени.

Со широка платформа против височините

Уште една специфика на Sennebogen 830R-HDD е носечката платформа чии гасеници се со должина од 510 cm а одалечени помеѓу себе на максимални 450 cm. Оваа безмалку квадратна геометрија, овозможува стабилност при големи оптеретувања кога се работи со максимален распон на работната рака и стрелата.

Конструкцијата станува уште поинтересна поради можноста кабината да биде подвижна. И тоа по сите правци. Посебно интересна е можноста за подигнување од најниската положба, која е поставена на височина на операторот од основните 265 на максималаните 578 cm. Поради подобра видливост, да не заборавиме дека стрелата достигнува до 18 метри, кабината има можност и за навалување до 30 степени во однос на хоризонталната положба.

Оперативната тежина од 45 тони за погон користи современ дизел мотор (Tier III) кој го испорачува американскиот Cummins. Линискиот шесцилиндерски мотор при 2.000 вртежи може да испорача максимални 205 КС. Хидрауличната пумпа која е чувствителна на оптеретување, овозможува максимален проток од 520 литри во минута со што се овозможува максимален притисок во системот од 350 бари.

Како посебна поволност производителот го истакнува фактот за мулифункционалноста на Sennebogen 830R-HDD. Во зависност од потребата, на неа може да се стават разни приклучоци вклучувајќи и обична корпа, грајфер, ударен чекан или пак клешта за рушење. Со менување на приклучоците се менува и карактерот на машината, но мора уште еднаш да го истакнеме фактот дека големииот домет и мобилноста на кабината ја прават разликата во однос на конкурентските машини.

Пристап преку лизгачка врата

Платото на 830R-HDD е подигнато за преку еден метар од тлото. Тоа значи дека операторот треба да се искачи до неговото работно место. А при влез во просторната кабината работата му ја олеснува големата лизгачка врата. Откако ќе се смести на удобното седиште (се подесува во сите правци) може да започне со продуктивна акција. Командите инаку се класични а управувањето идентично со класичните багери. За пријатен престој во кабината се грижи воздушната суспензија на седиштето, добрата изолација но и прецизниот клима уред.

Во делот на секојдневните испекции и редовните сервиси нема поголеми изненадувања. Со подигнување на страничните капаци се пристапува до моторот, но и до филитрите за хидрауликата, воздухот, маслото. Како додатен елемент се истакнува централизираната контрола на хидрауличниот систем како и додатното филтирање на хидрауличната течност (оваа опција доаѓа како додатна опрема) кое помага за поголема долговечност на целиот систем.

Исто така, во функција на заштита на хидрауличниот систем е вграден централизиран систем за контрола кој благовремено сигнализира за евентуалните неправилности. Тие информации ги добива и операторот на неговиот екран исто како и податоците за комплетната дијагностика на останатите системи.

На крајот да не заборавиме дека станува збор за специјална машина која во зависност од поставениот приклучок го менува и својот карактер од преместувач на материјал во ископувач или пак во агресивен рушач на објекти. А тоа е карактеристика која посебно ја ценат клиентите.