Solaris Urbino Hydrogen и Trollino 24

Нова генерација автобуси со горивни ќелии

► Како одговор на сé поголемиот интерес на европскиот пазар за возила за јавен превоз на алтернативен погон, Solaris Bus & Coach подготви уште еден од своите еколошки прифатливи автобуси

Полската компанија Solaris има широк производствен спектар градски автобуси – соло и зглобни со должина меѓу 9 и 18 метри, со погон на дизел, гас, струја, хибридни и тролејбуси. Според соопштението од компанијата, групата возила со алтернативен погон се прошири во две насоки – со моделот Solaris Urbino 12 Hydrogen и со двозглобниот тролејбус Trollino 24.

Новата генерација еколошки автобуси која за погон ќе користи водород ја имаше својата премиера во 2019 година. Тие во основа се електрични возила, при што енергијата потребна за напојување на погонската линија ќе се добива од горивни ќелии. Автобусот со должина од 12 метри и капацитет за 80 патници ќе биде опремен со една високонапонска батерија со капацитет од 29,2 kWh. Елекромоторите со номинална моќност од по 60 kW ќе бидат интегрирани во погонската оска. И системот горивни ќелии од најновата генерација ја има истата моќност. Како погонско гориво се користи водородот, кој во контакт со кислородот од воздухот произведува струја, а единствена супстанца која се емитува додека автобусот вози е водената пареа. Водородот кој ќе се складира во резервоари направени од композитни материјали сместени на покривот на возилото ќе обезбеди автономија поголема од 350 km, колку што е просечната дневна километража на еден градски автобус. Се очекува во 2030 година 10% од новите градски автобуси во Европа да бидат со погон на водород.

Solaris Urbino 12 Hydrogen претставува продолжение и развој на концептот кој прв пат светлото на денот го виде во 2014 година, кога за Хамбург беа направени два зглобни електрични автобуси Urbino 18,75. Водородните горивни ќелии кај нив служеа за продолжување на автономијата, односно производство на струја кога батериите ќе се испразнеа. За разлика, во новите автобуси електричната енергија која ќе го задвижува возилото ќе доаѓа од горивните ќелии, додека батеријата ќе има само функција за поддршка. Концептот на хамбуршките автобуси Solaris ќе го употреби во својата гама тролејбуси, на кои ваквата автономна електрична поддршка добро ќе им дојде за продолжување на релациите и таму каде нема инсталирано електрична мрежа за напојување. Први што се заинтересираа за нив беа градските власти од Рига, главниот град на Латвија, каде наскоро ќе сообраќаат 10 вакви возила.

Голем потенцијал за употреба на водородната технологија се гледа и кај вториот најавен новитет на Solaris, тролејбусот Trollino 24, при што бројката во ознаката кажува дека ќе има должина од 24 метри. Погонски ќе бидат двете средни оски кои струјата ќе ја добиваат од два пакета батерии со вкупен капацитет од 58 kWh. Тие ќе бидат главен извор на енергија, а ќе се надополнуваат со струја за време возењето од надземната линија преку биполарниот пантограф, како кај класичните тролејбуси. За подобри маневарски способности, првата и последната оска се управувачки.

Полскиот Solaris е основан 1996 година како компанија за монтажа и лиценцно производство на градски автобуси од марката Neoplan. Вработува околу 2.300 работници и лани произведе 1.400 автобуси и оствари промет од 450 милиони евра. Досега има произведени околу 16.000 автобуси кои сообраќаат во повеќе од 700 градови во 32 земји. Најмногу – повеќе од 5.500 во Полска и скоро 3.000 во Германија. Solaris е најголем испорачател на електрични автобуси во Европа со околу 18 отсто пазарно учество. Пред кратко време премина во раце на шпанската CAF група, која за него плати 300 милиони евра.