За оние кои работат на терен
Колку и да им се големи резервоарите за гориво на работните машини, тие во еден момент ќе се испразнат
А тоа, по непишано правило, ќе се случи токму тогаш кога највеќе се брзате да ја завршите работата. Јасно, секој шеф на градилиште ќе каже дека треба предвреме да се мисли за тоа, но не секоја градежна фирма има своја цистерна и зависи од други дали резервоарите на работните машини на терен навреме ќе бидат дополнети со гориво. Решение за ова има американската компанија Transfer Flow која произведува преносни резервоари за дизел со зафатнина од 50 и 80 галони, односно од 190 и 300 литри. Направени се од алуминизиран челик, внатрешноста им е со прегради за да се спречи бранувањето на гориво, а опремени се со вентил против превртување. Сé што е потребно за нивна монтажа во товарниот дел на пикап или камион е приложено со нив, а дополнително можат да се нарачаат и со пумпа за горивото. Не се хомологирани за бензин или други горива, а имаат 6-годишна гаранција. Цената им изнесува 625 односно 675 долари.