Unicat DRV63

Пркосејќи на природата

Човекот отсекогаш сакал да ја покори природата, но таа возвраќа на суров начин

Ураганот Харви со незапаметените поплави од библиски размери само во Тексас предизвика штета која се проценува на неверојатни 180 милијарди долари. Настрадаа и околу милион возила, но ова не е меѓу нив. Напротив, креирано е токму за вакви несакани настани – елементарни непогоди и природни или од човек предизвикани катастрофи каде животот и смртта тесно балансираат меѓусебе. Што ќе превагне често зависи од брзината на реакцијата на спасувачките служби, на кои најголемиот проблем им е како во услови на уништена инфраструктура воопшто да стигнат таму каде помошта е најпотребна.

Ваков предизвик на ум имаа одговорните од универзитетскиот медицински центар од калифорнискиот град Лома Линда кога се одлучија на реализацијата на проектот за оваа мобилна клиника. Акцентот при креирањето на ова таканаречено Disaster Response Vehicle, односно возило за интервенции при катастрофи, е ставен на неговата проодност и комуникациите. Како основа послужи сенаменскиот Unimog U 500. Меѓу главните критериумите за изборот на возило беа неговите теренски способности, во овој случај високото растојание од тлото и погонот на сите тркала со диференцијали кои се блокираат при возење. Додадена е уште една, трета оска за зголемување на носивоста но и намалување на површинскиот притисок што е од клучно значење за проодноста во возењето на меки и растресити терени. Од истата причина притисокот во пневматиците може да се регулира од кабината, и тоа во возење. Шестцилиндричниот дизел мотор развива 260 коњски сили кои се пренесуваат преку автоматска трансмисија со редуктор за бавно возење. На сите тркала се наоѓаат диск сопирачки, а напред е монтиран и вител. За да стигне таму каде треба се грижат сателитската навигација и двата повеќекоморни резервоари за гориво со капацитет од 380 литри.

Надградбата направена од сендвич панели од композитни материјали со дебелина од 60 милиметри е прицврстена со кинематички зглобови за шасијата. Прозорците се двојни термички и на нив е поставена мрежа за заштита од инсекти. Во внатрешноста има два кревета, тоалет со туш, кујна со бојлер, индукциска плотна и микропечка, работен простор и дел за административна работа со интегриран монитори и врвна опрема за комуникации. Нив ги овозможуваат сателитската антена сместена на кровот, безжичниот интернет, двете компјутерски работни станици со интегрирани 20-инчни монитори и 30-инчниот ѕиден монитор со кој е овозможена и телемедицина, односно изведување зафати со инструкции и надзор директно од центарот. Медицинските работници на терен меѓусебе можат да комуницираат со шест радио станици, а во задниот дел има оставено простор за квадрицикл поставен на хидраулична платформа. На држачите назад лесно се прикачува и теренски мотоцикл, а во резервоарите собира 425 литри питка и 120 литри отпадна вода. Двата клима уреди е опремени и со електричен систем за греење, а струјата ја обезбедуваат акумулатори со капацитет од 1.020 Ah и генератор на наизменична струја од 7 kW.

Финалната изработка на ова возило беше доверена на германскиот специјалист Unicat. Без медицинска опрема тоа чини 800.000 долари, а во финансирањето на проектот учествуваше и американската армија.