Ural Next

Модернизиран мастодонот од студената војна

Најголемиот руски производител на камиони Ural, кој е дел од групата GAZ, започна со обновување на својата рустикална гама

Неодамна претставен, моделот со сугестивна ознака Next е наследник на семејството камиони 4320 со мотор сместен во носот пред кабината, кои во суровите руски услови за експлоатација важат за поиздржливи. Кабината на Ural Next е модерна, со робусен изглед и генерално делува импресивно. Линиите веднаш и асоцираат на старите модели, од кои скоро во целост е позајмена механиката. Ваквото разидување меѓу дизајнот и конструкцијата е дел од стратегијата не само на најголемиот руски производител на камиони UralAZ туку и на целата руска индустрија, која не го менува ова што е докажано и кое пазарот сé уште го прифаќа. Позитивните страни на ваквиот однос кон работата не се само неоспорната издржливост и долготрајноста на конструкциите, туку и ниската производствена цена и едноставноста во одржувањето.

Како и да е, протагонистот на студената војна наместо да се предаде, со помош на синергијата на групата GAZ се реинкарнираше во Next семејството кое и покрај истата основа развиена пред четириесет години претставува голем еволутивен чекор. Модернизацијата на шасијата на мастодонот опфати педесетина позиции. Максимално оптоварување на предната оска сега е зголемено од 5,3 на 6,5 тони, а на носивоста од 12 на 13 тони. Вкупната маса на возилото е зголемена на 22,5 тони, а заедно со приклучното возило на 38 тони. Трансмисијата сега е способна да издржи за 40% поголем вртежен момент, а потрошувачката е намалена за 8 отсто. Основни мотори за Ural Next се новиот шестцилиндричен YaMZ 536 дизел од 6,7 литри со 240, 285 или 312 KS, кој има проектирана трајност од 800.000 km. Возилата можат да бидат се опремени со петстепен менувач од истиот производител или пак деветстепен од ZF. Се разгледува и можноста за вградување 14-литарски V8 дизел без турбо со 260 KS и производство на верзија со двојна кабина и 7 седишта. Овие камиони се способни за работа во температурен распон од -50 до +50 °C и до надморски височини од 4.500 метри, а сервисните интервали им се предвидени на секои 15.000 km. Интересни се опциите за задвижување на камионите со компримиран природен гас односно метан.

Меѓу главните предности на Ural Next руските инженери ги наведуваат и ергономијата и комфорот. Кабината со трите седишта ја има задржано ниската надворешна височина за да се овозможи монтирање на надградби и додатоци како што се крановите и сличните конструкции кои во транспортна позиција се сместени над неа. Возачкото седиште е воздушно ослонето, а веќе во основната конфигурација се добиваат електрично задвижувани стакла, централно заклучување, модерно LED осветлување, електрични и загревани ретровизори, темпомат, но и загревани филтер и довод за гориво. ABS кочниците, клима уредот, блокирачките диференцијали и CD со MP3 се опционален избор. Шасијата се произведува во 4×4 и 6×6 верзии исклучиво со единечни тркала, со должина од 7,7 и 9 метри. Изведбата може да биде како сенаменски камион, едностран или тростран кипер со карго простор од 11 кубни метри, цистерна, но и како подвижна работилница па и автобус за превоз на работници или патници.

UralAZ е значаен руски армиски добавувач. Неговите возила се користат и од бројни државни служби, а се среќаваат и во повеќе земји кои орбитираат околу Русија. Заради неприкосновените теренски својства (можат да возат низ вода длабока до 1,75 метри, снег до еден метар, да се прекачат преку вертикална препрека – ѕид со висина од 55 сантиметри и да преминат преку ровови широки до 2 и длабоки до 1,2 метри) практично се основен избор за многу стопански гранки во бескрајните руски пространства: градежништвото, експлоатацијата на нафта и гас, шумарството, рударството… Русите доста веруваат во своето ново семејство Next, заради што гаранцијата на возилата ја зголемија на две години или 100.000 km.