VDL Futura FDD2

Прва класа на два ката

Двокатната Futura FDD2 може да превезе до 96 патници со сиот комфор што следува во прва класа

После години затишје, сегментот на двокатни автобуси повторно е во силен замав, што е последица на порастот на потребите за долголиниски меѓународен превоз во Европа. Од VDL на тој тренд одговорија со потполно новиот модел FDD2 од семејството Futura. Како трет модел во ова семејство, новиот катен автобус има надворешен дизајн со јасно нагласена припадност со преземање на познатите елементи како маската и светлата во облик на буквата C. Истото важи и за задниот дел, каде извлекувањето на горниот кат наназад изгледа доста ефектно. Една од новостите што VDL за прв пат ја донесе во светот автобусите е изведбата на предниот раб на кровот, односно просторот над ветробранското стакло каде се вградени светла и украсна лајсна која го дополнува модерниот изглед на автобусот.

Futura FDD2 се нуди во две должини – од 13.085 и 14.145 mm, во обата случаи со три оски од кои задната е управлива обезбедувајќи круг на вртење од 21,4 односно 24,3 метри. За удобноста во возењето да биде на највисоко ниво се грижат електронски надгледуваното воздушно ослонување и подобрената изолација на подот на долниот кат, со што во внатрешноста продира помалку бучава. Подолгата изведба може да превезе до 96 патници, а пократката до 84. Модифицираната изведба на покривот која има таканаречена сендвич конструкција е заслужна за помалата тежина на возилото и поголемата висина на долниот кат, која изнесува пристојни 1.855 mm. Помалата тежина на покривот придонесува и за пониско тежиште што ги подобрува возните својства на автобусот, а потребната структурна цврстина на каросеријата е осигурана со алуминиумски засилувања.

Намалувањето на тежината продолжува и во патничкиот простор, пред сé со оптимизирање на внатрешниот распоред и употребата на лесни материјали во опремата, посебно во тоалетот и кујната. Патничкиот простор го одликува примената на светли материјали кои го зголемуваат впечатокот на пространост, а изменетата изведба на предните и задните скали го олеснува влегувањето и излегувањето. Пристапот на горниот кат е во предниот и задниот дел на автобусот, а сите ќошиња во тој дел се заоблени и без остри рабови на кои патниците можат да се повредат. Исто е и во кујната и тоалетниот простор, а внатрешните скалила се и добро осветлени.

Видео системот има 19-инчни екрани кои со помош на електромотори се склопуваат во покривот. За првиот ред на горното ниво опционално се нудат два дополнителни помали екрани сместени на средниот дел на ветробранското стакло. Потполно нов е системот за вентилација со централно управување и вентилатори кои не произведуваат бучава. Максималниот капацитет на проток на воздух изнесува 10.500 m³ на час, додека моќноста на клима уредот е 44,6 kW.

Скоро стотината патници требаат доста простор и за багаж, кој се наоѓа во задниот дел над втората и третата оска и е достапен од обете страни на автобусот низ три врати на подигање и една крилна опремена со скалило за влегување. Просторот за багаж има зафатнина од 9,3 m³, а добро е осветлен со силни ЛЕД светла. Зад него се наоѓа 12,9 литарски шестцилиндричен Paccar MX13 мотор, добро познат од DAF камионите. Неговата максимална силина од 375 kW (510 KS) обезбедува адекватни перформанси, а за пренос се грижи испробаниот ZF AS-Tronic автоматизиран менувач со 12 степени.

Возачкото опкружување во двокатните автобуси обично е стеснето, но во VDL тоа го решија со покривот кој се подигнува према ветробранското стакло. Освен чувството за поголем простор, ваквата изведба го подобрува и видното поле, па возачот кој сега доста подобро ги гледа семафорите. Во исто време можно е надворешните ретровизори да се постават на поголема височина, па така тие сега се на безбедни два метра од тлото, над главите на патниците и пешаците.