Vögele Super 2003-3I

Американски предлог за прецизен финиш

Со максимална широчина на поставената асфалтна површина од 7,75 m и капацитет на поставување од 1.400 t/h финишерот Super 2003-3i кој припаѓа на новата серија на Vögele е оспособен за користење при изградба на автопатски делници

Изградбата на автопатски делници претставува комплекс од поединечни фази кои се подеднакво важни за квалитетно заокружување на целиот проект. Притоа на финишерите им припаѓа улогата да ја заокружат целината и да го направат последниот чекор кој всушност е единствено видлив. Тоа е тој завршен слој на асфалт според кој потоа се суди за квалитетот на целиот проект.

За превземање на таа одговорност американците од Vögele го нудат новиот модел Super 2003-3i во кого вградуваат најнова технологија. Кажано поинаку тоа би значело конструкторска посветеност кон ефикасноста, перформансите и економичноста на експлоатација.

Еден финишер три опции на погон

Задолжен за погон на сите склопови е современиот дизел произведен во Cummins, со моќност од 250 КС. Шестте цилиндри во тој случај се вртат со 2.000 вртежи во минута а чистиот издув е потврден од исполнувањето на најстрогите американски Tier 4f норми.

Заради постигнување на една од главните цели, вграден е ECO мод кој ги намалува максималните вртежи на 1.700, со што се штеди гориво а сепак на располагање сеуште стојат големи, 235 КС.

За ефикасно користење на генерираната силина се грижи електронски менаџмент кој точно знае каде и во која количина да ја распредели силината. Во сериска понуда погонски се само задните тркала кои се придвижуваат со помош на две независни хидраулични пумпи. Напред се вградени по два пара тркала од кои погонски можат да бидат само две или сите четири. Кога ќе се потсетиме дека погон е потребен и за транспорт на асфалтот од предната корпа преку „тунелот“ до задниот дел, како и на механиката во секцијата за положување на асфалтото, станува јасна улогата на енергетскиот менаџмент. Да не заборавиме на електричното загревање на горната плочата за поставување на кошулицата која струја добива од посебен генератор.

Големиот резервоар за гориво гарантира целодневен ангажман на машината без потреба од додатно налевање, а дневните контроли воопшто не се потребни поради вградениот систем на самоподмачкување. Во случај на отстапување од работните параметри, преку инфо-системот веднаш се алармира операторот кој е зад командниот пулт.

Капацитети

Кај асфалтните финишери вообичаена практика е операторот да има можност за сместување на левата или пак на десната страна на машината. Во таа насока и Super 2003-3i не е никаков исклучок со таа разлика што тука операторот е сместен на самиот раб од кабината а седиштето е свртено кон средишниот дел. Со тоа се постигнува уште поголема видливост односно уште попрецизна изведба.

Конечно, максималната широчина на поставениот слој изнесува 775 cm која се постигнува со еден од трите опциски екстендери (VR 600). Притоа финишерот има капацитет да постави слој од 1,540 тони на час, движејќи се притоа со максимална брзина од 76 метри во минута.

Корпата за примање на асфалт е со димензии (3.420 x 620) mm и може да прими 17 t материјал.

Операторот и неговиот екипаж

Во просечни услови на работа екипажот на финишерот го сочинуваат 4 лица. Во служба на прецизноста на изведбата конструкторите ним им ставаат на располагање новодизајниран оперативен систем на електронски команди наречен ErgoPlus3. Тоа во пракса значи подесување на сите параметри на машината преку многу едноставен кориснички интерфејс кој освен што служи за командување, преку многуте сензори јавува за евентуалните отстапувања од зададените параметри.

Во делот на лесно и прецизно маневрирање да го споменеме и управувањето кога машината треба да ја промени својата положба. Во тој случај финишерот Super 2003-3i може да се движи со брзина од 20 км/ч а да се заврти во простор со радиус од само 5,6 метри. Тоа го овозможува системот Pivot Steer кој преку погонската хидраулика го сопира внатрешното тркало. Овој податок добива на тежина кога се знае дека вкупната должина на целиот склоп изнесува преку 6,5 метри а вкупната тежината надминува 21 t.