Volkswagen Transporter Т6

International Van of the Year 2016

► Значајната меѓународна награда отиде кај Volkswagen за најновата генерација на Transporter

Жирито составено од новинари од 24 европски земји специјализирани за комерцијални возила одлучи наградата International Van of the Year за 2016-та да му ја додели на Volkswagen Transporter Т6. Овој модел кој се произведува во Хановер сега е во својата шеста генерација и по трет пат во својата историја ја добива оваа престижна награда. Статуетката ја прими извршниот директор на секторот за комерцијални возила на Volkswagen, Екхарт Шолц, кој по тој повод изјави: „Ова е големо признание за нашето Т-семејство. Воедно е и достигнување за нашиот тим кој со имплементирање на вистинските чекори го направи возилото од Хановер најдобриот Transporter досега. Почестени сме што го добиваме ова признание и го гледаме како сигнал и мотивација за успешен старт на 2016 година која ќе биде полна со предизвици“.

Т6 го одликува остар и прецизен дизајн, повеќе простор и намалена потрошувачка на гориво. На располагање се и повеќе нови системи за помош на возачот, како на пример Dynamic Cruise Control со кој возилото може да се адаптира на три начини на возење – комфорно, нормално и спортски, како и системите Adaptive Cruise Control, Front Assist, Automatic Post Collision Braking System, Driver Alert System и Park Pilot, додека пак новиот забавно-информативен систем ги поврзува сите уреди преку Bluetooth со цел да му овозможи на возачот безбедно возење. Сето тоа беше причина што жирито се одлучи за VW Transporter, кој од 1950 година постојано поставува нови и повисоки стандарди во поглед на дизајнот, економичноста и функционалноста.