Volvo EC750E HR Demolition

Најпродуктивниот багер за рушење

Проектиран врз основите на најголемиот багер на Volvo, модуларната машина за рушење може да достигне оперативна висина од 36 метри, но исто така може и да биде опремена со најразновиден алат вклучувајќи и можност за копање на земја и под вода

Самото име наговестува, од најголемиот багер на Volvo, EC750E директно е изведен моќниот рушач EC750E HR. На тој факт се надоврзува и вградувањето на сопствени дизел мотори кои ги задоволуваат највисоките еколошки стандарди Stage IV/Tier 4 Final што овозможува пласман на европскиот и американскиот пазар.

Епитетот модуларност е заслужен со две различни работни раце, а уште повеќе со широк спектар на посебен приклучен алат прилагоден за специфични апликации за рушење.

Примерна модуларност

Флексибилноста на машината за демолирање EC750E HR извира од можноста за вградување на два сета на работната рака и еден сет за копање кој може да биде опремен и со екстендер. Најдолгата конфигурација овозможува максимална висина на оперативност од 36 метри со ограничување кое предвидува максимална тежина на употребениот приклучок за рушење да не надминува тежина од 3,6 тона.

Со втората конфигурација се постигнува максимална височина од 26 метри со таа разлика што употребениот алат може да тежи до максимални 5 тона. Кон овие капацитети треба да се додадат и параметрите за копање кои, со приклучен екстендер, за длабочина на ископот изнесуваат максимални 18 метри. Со комбинирање на двата вида на работни раце (се разликуваат според аголот) се добиваат бројни комбинации кои ќе можат да одговорат на широк спектар на апликации за рушење. Притоа, менувањето на работните раце заедно со таа што е наменета за копање, се врши исклучително лесно благодарејќи на наново развиениот хидрауличен концепт за взаемна модуларност кој користи хидрауличен механизам за прицврстување изведен во две точки.

Носечка шасија проектирана за рушење

Иако развиена врз докажаните основи на најголемиот багер на Volvo, сепак конструкторите на EC750E HR се решиле машината да ја постават на целосно наново развиена носечка структура. Во споредба со стандардниот багер, подвозјето на “HR” е подолго за 0,5 m и пошироко за 1 m, и има трага на гасениците од импресивни 4,3 m. Кога кон овие податоци ќе го додадеме и вградувањето на контратег од додатни 4 тона, оперативна тежина на машината за рушење се заокружува со бројката од импресивни 100 тона.

Сега логично се поставува прашањето како машина со тие димензии да биде транспортирана на нова работна локација. И тука Volvo нуди практично решение. Со помош на хидрауликата рамката на гасениците може да се вовлече со што самиот транспорт на машината поприлично се поедноставува. Исто така и останатите составни делови како што се работната рака и контратеговите со едноставни команди на хидрауличниот систем за демонтирање се ослободуваат, а со тоа и нивниот транспорт максимално се олеснува.

Што е со видливоста?

Добрата видливост од кабината претставува основен предуслов за ефикасно извршување на апликациите. Земјаќи го овој факт предвид, конструкторите на EC750E HR монтирале кабина која може да се навали под агол од максимални 30 степени. Како стандардна опрема, а во исполнување на истата цел, во стрелата на рушачот е вградена и видео камера чија перфектна слика се проектира на екранот пред операторот.

Останатите квалитети, како што се пространоста, безбедноста и лесното управување со функциите на машината, спаѓаат во стандардите кои Volvo ги аплицира во сите машини. Поради подобра видливост од кабината наново се редизајнирани и стаклените површини, а поради тоа кабината е додатно заштитена од удари кои доаѓаат од предната како и од двете бочни страни. Во секој случај операторот во полна мера може да ги ужива сите благодети на најсовремената технологија. Од спецификите на машината за демолирање може да се издвои и индикаторот кој во реално време го покажува механичкиот момент на оптоварување, со тоа што при преоптеретување со звучен и светлосен сигнал го предупредува операторот.

Машината за демолирање EC750E HR е во целост производ на експертите на Volvo Construction Equipment. Започнувајќи од аналаиза на потребите па се до изработка на сите компоненти, односно целиот систем за демолирање, е осмислен во развојните центри на шведскиот машински гигант. Тој факт за корисниците вреди многу повеќе од само купување на една машина, тоа е гаранција дека на едно место може да се добие поддршката при целиот работен век на машината.