Volvo EC950E

Големо момче

Во секое поголемо друштво има некое момче кое се разликува од останатите според неговата големина. Исто така постојат и ситуации каде што таа големина игра пресудна улога. Токму таков е најголемиот багер на Volvo, моделот EC950E

Минатата година, на Bauma 2016, Volvo настапи под слоганот „Повеќе е повеќе“, и го претстави својот најголемиот багер во историјата на фирмата со зборовите „Поголемото е подобро“. Двете пароли колку тие општо да звучат, кријат неколку големи вистини. Првата е дека Volvo како моќно име во светот на градежната механизација има доста широка палета производи. Конкретно багерите ги има триесетина, распоредени според конструкцијата во три семејства: компактни, на тркала и со гасеници.

excavator-ec950e-t2

Втората, поголема вистина е дека спротивно на очекувањата, палетата во тешката категорија багери со гасеници (од 13 до 75 тони) е повеќе од двојно поголема отколку онаа кај багерите со тркала (14-23 тони). Третата и најголема вистина која нема да ја откриеме во информативните материјали на шведскиот производител туку ќе ја видиме директно на градилиштата е дека токму најтешките багери се оние кои најчесто се среќаваат, како во поглед на останатите модели на Volvo, така и во споредба со присуството на соодветни машини од конкуренцијата. Затоа и не беше изненадување што покрај својот најголем зглобен дампер, 60-тонскиот A60H кој исто така беше новитет на Bauma 2016, во Минхен беше претставен и најголемиот багер со кој Volvo навлегува во нова 90-тонска категорија.

Големината како основна предност

Голем во буквалната смисла на зборот, новиот гасеничар секако беше во центарот на вниманието, не само на оние што бараат бескомпромисна продуктивност и лесно справување и со најтешките работни задачи. Должината му варира во зависност од раката од 13,6 до 14,8 метри, а ширината му изнесува 4,5 метри. Висок е скоро 5 метри, а со максимално подигната корпа досега преку 13 метри во височина. Филозофијата колку поголем, толку подобро и побрзо ќе се завршат големите работи е пренесена и кај конструктивните елементи. Така, должината на гасениците е 6,4 метри, нивната ширина од 65 до 90 сантиметри, а растојанието од теренот добри 91,5 сантиметри. Максималниот досег на копање е скоро 14 метри, а длабочината 9 метри.

volvo-benefits-crawler-excavator-ec950e-t2-t3-superior-digging-force-2324x1200

Може да биде опремен со три комбинации на работната рака, а на располагање се девет корпи – три за општи, пет за тешки и една за екстремно тешки работи. Цврстата конструкција и заштитените компоненти заедно со 184-годишното искуство ја гарантираат издржливоста, а прилагодливоста му е зголемена со систем за менаџирање на приклучоците кој му овозможува на операторот од кабината со помош на команди преку монитор однапред да го избира протокот и притисокот во хидрауликата.

Испрака на сила според моменталните потреби

Срцето на машината е Volvo D16 моторот со 446 kW (606 KS) и 2.650 Nm, кој комбиниран со новоразвиениот електрохидрауличен систем со интелигентни контроли обезбедува толку сила колку е потребно за работата, со минимални загуби во хидрауличниот проток. На операторот на располагање му се повеќе режими на работа: уникатниот ECO Mode, потоа I (Idle), F(Fine), G (General), H (Heavy) и најмоќниот (Power Max) режим кој на раката испорачува сила од 424 kN со која за EC950E ниту една работа не е тешка. Всушност во целата приказна за овој багер тежок е само тој – цели 92 тони со најшироките гасеници, кои на локацијата го задвижуваат со брзина од 2,8 km/h и искачуваат на нагиб до 33°, а од едно до друго место транспортираат со 4,4 километри на час. Од спецификациите уште ќе ги споменеме резервоарот од 1.265 литри и количината моторно и хидраулично масло од 55, односно 900 литри.

141689DieHighlightsderBauma20161200x800043fdb4357ff7d5f

Операторот ужива посебен третман

Посветеноста на Volvo CE на постојаниот развој на иновативни и продуктивни машини не треба да ги споменуваме, затоа ќе се префрлиме на работното место на операторот. Сé во кабината вклучително и џојстикот, тастатурата и мониторот е ергономски поставено и дизајнирано за оптимална контрола и ефикасност. Така, седиштето има 12 различни можности за подесување, а конзолата се поместува независно од него. Поставена на хидраулично потпомогнати пригушувачи, во кабината се влегува преку врата што широко се отвора. Одличната видливост на сите страни низ безбедносни стакла е дополнета со горниот дел од предното стакло кое може да се лизне нанагоре во рамката, а долниот дел пак да се отстрани и смести од страна во вратата. Интегрираниот систем за вентилација, климатизација и греење преку автоматски контролиран вентилатор одржува постојан надпритисок во кабината, а воздухот го дистрибуира преку 14 отвори.

exc_ec950e_t2_t3_2_w_rf-4f0fffd

Комфорот, пространоста и ниската бучава овозможуваат работа без замор и во најтешките услови, а бројните безбедносни системи ја гарантираат сигурноста и на операторот и на работниците околу машината. Тука е и радиото со CD и MP3 плеер и USB порт, а дополнително може да се опреми и со екстра светла, систем против кражба, задна и странична камера…

За крај нема што да се каже освен дека ова не е крај – Volvo и понатаму ќе се фокусира на тоа максимално да се задоволат барањата на купувачите, кои не завршуваат со набавката на машината, колку и да е голема таа. Всушност тогаш и започнува вистинската грижа за клиентите, обезбедена преку бројните програми и услуги.