Volvo FMX

Знаењето е моќ

А во Volvo добро знаат што навистина им треба на градежниците и при конструирањето на FMX шведските инженери употребија голем број револуционерни иновации за зголемување на ефикасноста на работата

Уште кога се појави, Volvo FMX го привлече вниманието на градежниците со количината иновативни решенија од кои корист имаа и превозниците, и возачите. Тој во овој изискувачки сегмент влезе со јасен идентитет и го поведе со огромен чекор напред во сите најважни подрачја – робусноста, управливоста, конструкциите, па и дизајнот. Сите негови сегменти беа развиени со фокус кон поголема ефикасност во работењето. На возачите им се допадна потполно редизајнираната внатрешност на кабината, која нивната секојдневна работа им ја направи полесна. На пример, динамичкиот управувачки систем беше фантастично подобрување кој го намали физичкиот напор и ги ослободи од болките во вратот, рацете и грбот. Дури и при мали брзини, возењето на до крај натоварен камион толку е лесно што може да се прави со еден прст.

Супериорната управливост во сите услови ја обезбедува електронски контролираниот електромотор од серво системот за управување. Тој делува заедно со хидрауликата, регулирајќи ја својата работа неколку илјади пати во секунда со помош на информациите што ги добива од бројните сензори кои се наоѓаат на многу места на возилото. При поголеми брзини системот автоматски го регулира управувањето и ги неутрализира неправилностите кои доаѓаат до воланот предизвикани од бочниот ветар, дупките или пак закосеноста на патот. На тој начин возачот добива стабилно чувство и не мора постојано да компензира со воланот. Но освен што ги заменува мускулите на возачите, овој систем откако воланот ќе се најде во некоја од крајните точки автоматски го враќа во положба за возење право напред, а исто така автоматски го центрира управувачот при возење наназад.

Меѓу другите карактеристики е и задното воздушно ослонување кое освен поголема удобност за возачот обезбедува и поголема проодност на тешки терени заради одржуваното растојание од тлото кое секогаш изнесува 300 милиметри, без разлика дали камионот е празен или целосно натоварен. Овој систем потполно е прилагоден за работа во градежништвото без никакви компромиси со издржливоста или поврзаност со другите сегменти. Попречниот стабилизатор е сместен во системот на задните тркала што на возилото му обезбедува одлична стабилност, истовремено елиминирајќи ги незаштитените компоненти на ослонувањето зад задната оска. За да се постигне помал радиус на свртување и намали трошењето на гумите, гонетата задна оска може да биде хидраулично управувана, но и да се подигнува со што на погонската оска се обезбедува поголем површински притисок, а со тоа и повеќе тракција во тешки работни услови.

I-Shift менувачот е посебна приказна која бара повеќе внимание и текст посветен само на тоа. Затоа сега само накратко ќе ги споменеме неговата ефикасност при мали брзини и долгиот интервал на замена на маслото од 450.000 km, но и неговата изведба за бавно возење, која откако се појави е во фокусот на сите оние што ги користат камионите на Volvo во посебно тешки услови за работа. Имено, со додавањето на еден или два степена на пренос пред првиот, камионот добива способност да се движи со брзина на полжав –  од 0,5 до 2 километри на час и да влече екстра тежок товар. Швеѓаните се обидоа со неверојатни 750 тони и успеаја. Декларираната вкупна маса сепак е „само“ 325 тони. Овој единствен систем кај сериски произведените тешки камиони отвора сосема нови перспективи за нивната употреба. Може да се добие и со екстра два степени за возење наназад.

I-Shift менувачот може да се комбинира со погонска предна оска, која е поместена за 100 mm нанапред и се наоѓа на истата положба како и непогонската предна оска. Со пократкиот преден превис е зголемен пристапниот агол, а спојната шипка е подигната и сместена на позаштитена положба. Самиот погон на предната оска автоматски се вклучува и исклучува заради поголема контрола на тракцијата и зголемена ефикасност. Имено, истражувањата покажаа дека погонот на предната оска навистина е потребен во многу мал процент случаи – неговото постојано користење е чисто расипање на горивото. Оваа функција на автоматска контрола го активира погонот на предната оска само кога камион се движи и кога постои опасност од заглавување, односно кога задните тркала започнуваат да пролизгуваат на лизгав или мек терен, и тоа само за кратко време – толку колку навистина е потребно. Со овој систем командува посебен софтвер, кој делува без губиток на силата или брзината. Ако наиде на посебно тежок терен, возачот може рачно да ги блокира диференцијалите напред и назад. Покрај гориво, на овој начин се штедат и механичките склопови и гумите.

Од иновативните решенија со кои се нудат Volvo FMX камионите треба да се споменат уште и браникот за тешки работни услови, зголемената носивост на предната оска, можноста за фабричко вградување за петта оска, далечинско управување преку мобилна апликација со некои функции, како што се греењето, проверката на алармот и бравите, нивото на гориво и слично. Volvo FMX е достапен со осум погонски опции, четири со 11-литарскиот D11K и исто толку со поголемиот 13-литарски D13K мотор, со излезна сила меѓу 330 и 540 коњски сили. Сите погонски единици се Еуро 6, за што е задолжен ладениот EGR систем за поврат на издувните гасови кој ги оптимизира нивната температура и нивото на азотни оксиди за поефикасна дополнителна обработка. Филтерот за честички автоматски се регенерира при нормални услови на возење.

На градежниците не им требаше многу да го прогласат Volvo FMX за најпосакуван градежен камион на пазарот. Но кај нас не се среќава толку често во возните паркови на нашите градежни компании колку што тие би сакале. Причината е што многу тешко е да се најде на пазарот на половни камиони – никој не ги продава. Голема заслуга за тоа има и организираноста на сервисно-продажната мрежа, која во секој момент насекаде ја пружа сета неопходна поддршка за беспрекорно користење, без застои заради сервисирање или поправки на евентуалните оштетувања кои и онака се ретки. Затоа и скоро единствен сигурен начин да се ангажира ефикасноста на овие камиони за зголемување на продукцијата е набавка на нови. Во македонското претставништво на Volvo Trucks тоа добро го знаат и затоа пред почетокот на интензивирањето на градежните активности обезбедија возила во кипер конфигурација за идните свои клиенти, кои нема да чекаат на реализирање на нарачката туку ќе им бидат веднаш. Volvo во Македонија делува веќе 17 години. Настапувајќи како водечки снабдувач на нови тешки товарни возила во Македонија, почетните 30 возила годишно и 15% пазарно учество денес се искачија на испорачани повеќе од илјада камиони, остварена успешна соработка со преку 600 различни фирми од Македонија и пазарното учество над 45%.

Volvo FMX 500 10×4 со екстра висока тридем шасија со воздушно ослонување – дел од техничките спецификации:

вкупно оптоварување на возилото 80 тони
висина на шасијата 1.030 mm над тлото
помошна оска со електро-хидраулично управување до 38 km/h
кабина дневна FMX
меѓуоскино растојание 4.600 mm
емисија на издувни гасови Euro 5 SCR
мотор 13 литри, 500 KS, 2500 Nm
моторна кочница Volvo засилена VEB+ 510 KS
менувач автоматизиран I‑Shift со 12 степени на пренос
задна оска тандем 26Т за бруто тежина до 100 тони со преносен однос 4,12
надградба KH кипер W1U
внатрешна должина 7.600 мм
надворешна ширина  2.350 mm
висина 1.700 mm
зафатнина 28 m³