Volvo FMX 4-осен кипер

Целата приказна е во чистите мускули

Со создавањето на втората генерација на FMX, Volvo започна една нова ера кај камионите за градежниците

Volvo FMX е најробусниот камион што Швеѓаните го имаат направено било кога и на располагање е како соло камион и влекач во конфигурации од 4×2 до 10×6. Наменет е исклучиво за градежниците, но тие признаваат само една негова верзија – кипер со четири оски. Имаат и добри причини за тоа. Како камион, FMX претставува потполно нова димензија во ефикасноста на извршување на градежните работи. Со широкиот спектар на специјално прилагодени изведби, без сомнение е најдобриот градежен камион на пазарот. Volvo со FMX му даде на градежниот сегмент јасен идентитет, правејќи огромни чекори во сите најважни области – робусноста, управувањето, дизајнот.

Содржи иновации кои даваат бенефиции, како за транспортните фирми така и за возачите. Сé кај него е развиено со фокус на возачот. На пример, револуционерниот нов систем на управување Volvo Dynamic Steering е нова функција која помага на возачите во сите услови, но неговите предности се најмногу забележливи во тешки градежни операции при мали брзини. Ова фантастично подобрување резултира со помало напрегање на мускулите и ги ослободува возачите од болки во вратот, рацете и грбот. Дури и при мали брзини тешко натоварениот камион може да се управува лесно, со еден прст. Тоа го овозможува електронски контролираниот електричен мотор прикачен на управувачот кој работи заедно со хидрауличното серво-управување и се регулира илјадници пати во секунда од неговата електронска контролна единица. Овој систем овозможува и автоматско центрирање на управувачот при возење наназад.

Една од другите нови одлики е воздушното задно ослонување. Ги зголемува продуктивноста и трајноста на камионот, што е многу важно за клиентите во овој сегмент. Обезбедува одлична управливост и се справува со сите предизвици кај градежните работи без какви било компромиси. Нуди значаен комфор и агилност и кога камионот е натоварен, и кога е празен. Системот за ослонување има автоматска контрола за висина при возењето, што заедно со растојанието до патната подлога од 300 милиметри резултира со одлична теренска способност. Бидејќи стабилизаторот за бочна крутост е позициониран во повеќеосната група, возилото добива одлична стабилност. Истовремено, не постојат незаштитени компоненти на ослонувањето зад последната оска на камионот.

Можностите на FMX значително се подобруваат со I-Shift трансмисијата, посебно кога е комбинирана со погон и предните тркала. I-Shift трансмисијата ја зголемува ефикасноста во сите случаи, најмногу кога се маневрира при мали брзини. Кај неа маслото има подолг интервал на менување од 45.000 km. I-Shift е на располагање и во верзија со екстра еден или два степени на пренос за бавно движење, плус дополнителната опција за движење наназад. Тие значително го олеснуваат тргнувањето од место, особено на стрмен терен или при лоши услови на патот. Благодарение на преносниот однос до 32:1 (и до 37:1 за назад), I-Shift со степените на пренос за бавно движење овозможува да се вози со мали брзини од 0,5 до 2 km/h.

Системот со предни погонски тркала е дополнително подобрен за да обезбеди зголемена теренска способност и издржливост. Погонската предна оска е поместена за 100 mm нанапред кон истата позиција како предната оска без погон. Освен тоа, паралелниот лост е преместен погоре на позаштитено место. Кусиот преден препуст значи и дека приодниот агол е зголемен. Volvo Trucks е првиот производител на камиони во светот кој понуди автоматско активирање на погонот на сите тркала за камиони во градежништво. Системот за контрола на силата на влечење го активира погонот на предната оска кога задните тркала ќе започнат да пролизгуваат на лизгава или мека површина, без притоа камионот да изгуби погон или брзина. Запчестата спојка го активира погонот на предните тркала за само половина секунда. Спојката е полесна и има помалку подвижни делови од традиционалното решение со постојан погон на сите тркала. Ако возачот наиде на посебно тежок терен, тогаш е возможно рачно да се заблокираат диференцијалите и напред, и назад. Задната тандем-оска може да биде опремена со функција за кревање која овозможува исклучување и подигање на втората погонска оска на 140 mm од површината на патот. Тоа дава подобар зафат на патот и до 4 проценти помала потрошувачка на горивото кога камионот се вози без товар. Возењето со подигната втора задна оска го намалува и кругот на свртување за еден метар и има помало трошење на пневматиците и на системот за потпирање.

Volvo FMX е достапен со 4 висини на шасијата и 15 меѓуоскини растојанија, со 11- и 13-литарски Еуро 6 мотори. D11 има излезни моќности од 330 до 450 коњски сили, додека D13 го проширува опсегот на 380 до 500 коњски сили. Со цел да ги исполни барањата на Еуро 6 стандардите, моторот е опремен со неразладуван EGR систем за рециркулирање на издувните гасови. Тој ги оптимизира температурата на издувните гасови и нивоата на NOx за ефикасен пост-третман. Филтерот за честички автоматски се обновува во текот на нормалните услови на возење, а патентираното решение на Volvo Trucks за сервисирање на филтерот заштедува време и ги намалува трошоците на клиентот.

Кабината на Volvo FMX која е на располагање во три големини, е направена од челик со голема јакост. Сите компоненти во предната структура се редизајнирани, а голем број од нив се поместени со цел Volvo FMX да се направи поробусен во грубите градежни средини. Таа е тестирана според најстрогите светски норми за безбедност со цел да се обезбеди работно опкружување со најголема можна безбедност. Ниската положба на кабината во однос на шасијата овозможува пригодно влегување и излегување, како и врвна прегледност на непосредната близина. Тоа ја намалува опасноста од оштетување на возилото и ја зголемува безбедноста на луѓето што работат во непосредна близина на камионот. Класичниот железен знак на Volvo е поместен погоре во нова положба под ветробранот. Кај камионот за градежништво овој железен знак е уште поголем, а дијагоналната лента е подебела и со боја одбрана да одговара на црната заднина. Во конструкцијата на решетката е интегриран и практичен ракофат. Браникот има поцврст дизајн. Тоа е единица од три дела, со среден дел свртен нагоре и затворен на страните со два одделни рабници кои се удвоени како пригодни скалила. Рабниците се направени од еластичен материјал кој не се крши и кој ги поднесува ударите при мала брзина на подобар начин од претходното решение. Деловите лесно се вадат и се заменуваат. Над браникот има око за влечење направено од леано железо, проектирано да издржи дури 32 тони. Редизајнираните светла со нивните карактеристични закосени линии се направени уште поцврсти и даваат подобрено осветлување. Сервисирањето е олеснето благодарение на фактот што сите функции на светлата, како и трепкачите и остро накосените дневни светла, се вградени во истото куќиште.

Во внатрешноста на кабината има повеќе простори за складирање. Возачот има придобивки од подобриот интерфејс за возење. Неговото седиште може да се навали нанапред за дополнителни четири степени, а потпирачот на грбот е 10 милиметри потенок од порано. Управувачот е опремен со интегрирани командни копчиња за повеќе функции, вклучувајќи го темпоматот, телефонот, навигацијата и друго. Новата, целосно црна инструмент-табла сега уште повеќе е навалена кон возачот. Тоа му дава добро распоредено, логично работно опкружување со сите копчиња, команди и функции ставени лесно на дофат. Со цел да се ослободи повеќе место за нозете, клучот за стартување е поместен горе на контролниот пулт. Десно, веднаш до клучот, е поставена важната опрема, како што е големиот интегриран информациски дисплеј, за да биде лесно достапна. Десно од навалениот дел се наоѓа повеќенаменски модул во кој можат да се сместат разни команди. Командата за клима-уредот е лесна за користење, а самиот уред е поефикасен со подобрената функција за одмрзнување.