Volvo FMX

Сите го сакаат, но не го покажуваат тоа

Превозниците потајно ги сакаат камионите на Volvo. Тоа не секогаш го покажуваат, но така е. Градежниците пак генерално ги сакаат камионите со повеќе оски. Посебно ако се Volvo, иако према нив се однесуваат како да ги мразат

Како засебна единка, Volvo има произлезено од шведскиот производител на лежишта SKF пред точно сто години. Неговото име е превод на латински на зборовите „се тркалам“, што треба да асоцира на главната преокупација на матичната компанија. За Volvo да стане производител на возила му требаа 12 години – првиот автомобил го направија во 1927-мата, а првиот камион една година подоцна. И двата производа беа развивани со истите цели – да ги издржат суровоста на лошите патишта во земјата и ниските температури. Визијата е остварена уште во првиот обид и оттогаш наваму возилата на Volvo се токму такви какви и денес ги познаваме.

FMX_04

Интересно е дека меѓународниот пробив на името Volvo први го направија камионите – на почетокот на триесеттите години од минатиот век, додека автомобилите станаа познати надвор од Шведска дури по втората светска војна. Денес нема човек на планетата кому треба да му се објаснува кој и што е Volvo. Нема ниту превозник што ќе треба да се убедува во предностите на Volvo камионите, а градежниците не треба ни да ги споменуваме – тие го знаат најдобро значењето на шведското име. Но и покрај тоа, према нивните камиони се однесуваат како да ги мразат – ги подложуваат на најголеми можни малтретирања без трунка грижа на совеста, верувајќи во нивната издржливост.

Не треба да им замериме – работата на камионџиите во градежништвото нималку не е лесна, ниту споредлива со онаа кај долголинискиот превоз. Ако голтањето километри на мазниот автопатски асфалт бара дисциплина и трпение, на оние кои ги градат истите тие километри мазен асфалт им се потребни големи вештини. Тие возат на секаков терен – пат скоро и да не гледаат, а товарот никогаш не им е ист и најчесто е над мерката за која е предвиден камионот. И сето тоа треба да го направат брзо и ефикасно, без да заглават или да го загрозат возилото, затоа што тогаш не само тие, туку и целата градежна оператива ќе застане. А тоа никако не смее да се дозволи.

photos_volvo_fmx_2010_1_1600x1200Инженерите на Volvo тоа доста добро го знаат. Дури и повеќе – вторите две букви од ознаката FMX се кратенка од Medium Xtreme, иако самиот камион е наменет за најтешките работи во најтешките услови – градежништвото, , рударството, каменоломите… Како посебен модел направен на основа на FM е претставен во 2010 година, за после само три години да ја доживее својата втора генерација, во која е вградено сето дополнително стекнато искуство од нивната експлоатација. Најчесто среќавана е верзијата со четири оски и 8×4 погон, но FMX е на располагање во доста поширока гама – 4×2, 4×4, 6×2, 6×4, 6×6, 8×2, 8×4, 8×6, 10×4 или 10×6, за чиј погон се задолжени D11 и D13 моторите со работна зафатнина од 10,8 односно 12,8 литри. И двата се на располагање со по четири излезни силини – првиот со 330, 370, 410 и 450 KS и максимален вртежен момент од 1.600, 1.750, 1.950 и 2.150 Nm соодветно, а вториот со 420, 460, 500 и 540 KS и 2.100, 2.300, 2.500 и 2.600 Nm. Euro 6 технологијата ги намалува емисиите на азотни оксиди за 80%, а на цврсти честички за 50%, додека оптималната геометрија на комората за согорување и брзото и прецизно вбризгување се само едни од причините зошто е тешко да се надминат Volvo камионите кога е во прашање економичноста.

cabina-fmx-volvoМенувачи на располагање ги има три – рачен, Powertronic и I-Shift. Рачниот е со 14 степени на пренос, од кои два се спороодни, а 12 нормални, плус четири за возење наназад и се испорачува за возила со вкупна тежина на влечниот воз до 100 тони. За помалку изискувачките интересен е автоматскиот Powertronic со две интегрирани програми на работа, додека најинтересен сепак е роботизираниот интелигентен дванаесетстепен I-Shift, чии софтверски додатоци му овозможуваат апликации и кај влечни возови со екстремно големи тежини од 85 до 180 тони. Погонските оски можат да бидат со еднократна или со дополнителна редукција во главчините, со максимално дозволено оптоварување и до 33 тони кај тандем оските, а нивното ослонување челично или воздушно. И не само тоа – и предната оска може да биде погонска, опремена со автоматска контрола на пролизгувањето, а кај моделите со три или четири оски втората (задна) погонска оска може да биде опремена со систем за подигнување, со што се зголемуваат маневрибилноста и економичноста на возилото. Кај моделите пак со три задни оски последната е управувана, а на располагање се и верзии со пет оски, од кои три (две задни и предната) се погонски. Иако Volvo FMX се испорачува со уште погонски конфигурации, ние ќе ја споменеме само уште интересната 8×2 верзија кај која погонска е средната задна оска, а оските пред и зад неа се управувани и можат да се подигнат кога возилото е неоптоварено, и тоа автоматски. Кога камионот ќе се оптовари, тие, исто така автоматски, се спуштаат.

Volvo-FMXСето ова покажува колкаво знаење е употребено да се постигне потребната флексибилност, но не покажува сé. Имено, Volvo FMX е развиен да биде врвен градежнички камион и затоа има шасија која може да ги истрпи најтешките услови за возење. Но, тие услови не се за сите исти – се разликуваат во зависност од работата и затоа FMX може да се добие со четири различни шасии со висина од 900, 1.000, 1.200 и 1.240 mm, со меѓуоскини растојанија од 3.000 до 4.100 mm за влекачите и 3.200 до 6.700 mm за соло камионите. На нив можат да бидат монтирани четири типа на кабини, опремени точно онака како сакаат клиентите, кои заради безбројте можни комбинации на сé набројано и ненабројано ќе бидат на вистински маки да го изберат она за што мислат дека најмногу им одговара. Но што и да изберат едно ќе добијат без да бараат – докажаниот шведски квалитет и издржливоста на камините на Volvo.

Volvo е втор по големина светски производител на тешки камиони. Вработува околу дваесет илјади луѓе, кои во 15 фабрики ширум целиот свет произведуваат стотина илјади камиони годишно.

volvo-fmx-top-image-2