Volvo LX1

За 50% подобра ефикасност

Прототипот на натоварувачот Volvo LX1 со електрична хибридна погонска група беше подложен на испитување кај два клиента. Резултатите од тоа навистина се впечатливи

Volvo Construction Equipment го претстави својот прв концепт на хибриден натоварувач на тркала уште во 2008 година, а потоа настана молк. Но, долгото чекање не значеше дека не се работи. Напротив, се работеше, и тоа вредно. Резултатот го видовме лани есента, во облик на концептот LX1. Долгиот период донесе и свои предности – технологијата на електрификација значително се подобри, а во меѓувреме се појавија и системи кај автобусите на Volvo кои можеа да се искористат.

Од шведската компанија велат дека LX1 е фундаментално нова машина, со наново проектирани дури 98% од компонентите. Тоа директно придонесува за ефикасноста, но и за промена на целокупниот технолошки процес на конструирање и производство. Најсуштинската разлика во однос на сегашните машини е што електрификацијата за разлика од механичките или хидрауличните системи овозможува да се одвои и помести сé и да се смени начинот на кој функционира машината бидејќи потсистемите не мора физички да бидат поврзани и можат да се оптимизираат секој поединечно.

На пример, LX1 нема оски. Не му ни требаат – во секое тркало се наоѓа по еден електромотор. Тоа пак овозможи конструкцијата на шасијата да биде сосема поинаква и корпата да се помести поблиску до средината на машината. Со тоа е овозможено потежок товар да се подигнува повисоко со помала машина. Помал е и моторот, кој со своите 3,6 литри е за 50 отсто ефикасен во однос на потрошувачката на гориво.

Овој факт беше верификуван со теренските тестови кои во меѓувреме беа направени во две фирми кои се занимаваат со рециклирање и депонирање на отпад во Калифорнија. Во такви услови на работа, прототипот на натоварувачот во едната фирма забележа подобрување на ефикасноста за 50%, а во втората за 45%, при што потрошувачката на гориво и емисиите и во двата случаи се намалени за 35%. Работниците не можеа а да не забележат дека покрај поголемата економичност, оваа машина е и доста тивка во работата. Забележаа и дека заради помалиот мотор и спуштениот заден дел видливоста е драстично подобрена, како и дека заради немањето оски нема ниту механички делови кои се ниско поставени и кои закачуваат додека машината се движи низ купиштата ѓубре.

Volvo LX1 засега е само прототип и не се произведува. Предностите на новиот концепт ги препознаа и  калифорниските власти, кои финансиски го поддржаа проектот на Швеѓаните со 1,8 милиони долари.