Volvo PL3005E – поставувач на цевки

Времето е пари – фаќајте се за работа

► Поставувачот на цевки, Volvo го развива од „Е“ серијата на багери, но дополнително го облагородува со серија технолошки новини кои го преобраќаат во специјална машина со неограничени капацитети

Развиениот свет е сé повеќе гладен за енергија. Покрај стандардните извори (нафта, гас) интезнивно се трага по обновливи извори со кои ќе можат барем делумно да се ублажат потрошувачките апетити. Се додека не се помине на некој повисок технолошки стадиум, светот ќе зависи од класичните извори. А, како по правило, големите енергетски ресурси секогаш се далеку од градските и индустрициски центри каде што е и најизразена потребата од нив. Тој проблем се решава со големи водови за нафта и гас кои често знаат да изнесуваат и до десетици илјади километри. И тоа низ различни природни конфигурации и терени. Токму поради тоа и нивната изградба се смета за стратешка цел на една држава, па и на цели региони.

Последнава декада започната е изградба на неколку големи системи за гас кои енергенсот треба да го транспортираат од изворите во Русија и нивните бивши републики, па се до крајниот запад на европскиот континент. Оттука интересот за брзо и ефикасно поставу вање на цевководите е во постојан пораст. Кoнструкторите на Volvo, препознавајќи ги потребите на изведувачите, нудат технички солуции со кои се гарантира брзо, сигурно и економски исплатливо работење. Секако тука мислиме и на поставувачите на цевки од „Е“ серијата, PL3005E и PL4089Е. Иако се работи за идентична механичка основа, во случајот ќе се задржиме на помалата машина, PL3005E.

Универзална механичка основа

Поставувачот на цевки е изграден врз основи на багерите од „Е“ серијата, што значи дека околу 90% од деловите им се заеднички. Од претходно ни е познато дека како носечка структура служи “X-box” рамка изработена од екстра цврсти челици. Машината се движи со помош на гасеници со ширина од 600, 750 или 800 mm, а сé во зависност од потребите. И кога сме тука да истакнеме дека брзината со која поставувачот на цевки се движи помеѓу две стационарни операции, изнесува 5.5 км/ч. Помеѓу останатите заеднички склопови се вбројуваат моторот, преносите, како и целиот хидрауличен систем. И сега се стигнува до спецификите според кои PL3005E се издвојува од останатите членови на Volvo семејството. Пред се тука е асиметричната работна рака, изведена во облик на решетка со два масовни носечки крака.

Асиметричноста доаѓа од самиот облик каде што работната рака е поврзана со машината, а тоа е просторот помеѓу кабината па се до висина на внатрешниот раб на гасениците. Ова решение, освен на предности во статиката, позитивно се одразува и врз прегледноста од местото на операторот, што пак гарантира прецизно изведување на апликациите. На врвот на работната рака е поставен вител со челични јажиња, со пресек од 16 mm, кој се движи со помош на посебен хидрауличен мотор. Во стандардна изведба должината на краците на работната рака изнесува 7.4 метри, но треба да се знае дека за посебни апликации на располагање се става и екстендер кој досега до 9.2 метри. И во двата случаја, на задниот крај е поставен контратег со тежина од 6.900 kg.

Неограничен работен опсег

Архитектуарата на Volvo PL3005E при што центарот на ротација е релативно близу поставен до надворешниот раб на гасениците, овозможува оперирање на машината во опсег од 3600. Ако кон овој податок додадеме дека без никакви пречки машина е ефикасна до нагиб на терен од цели 350 станува сосема јасно кои се компаративните конструкциски предности на Volvo во однос на конкурентите. Уште еднаш треба да потенцираме дека сите поставувачи на цевки работат само при стационарен режим, односно само кога машината е неподвижна. Затоа и работен опсег од цел круг е од исклучителна важност за додатна брзина и ефикасност на извршување на работните апликации. Што се однесува до стабилноста на товарот, за тоа се грижи системот VLMS (Volvo Loading Mangement System) кој преку сензори ја прати работата и веднаш алармира во случај на преоптеретеност, додека во случај товарот од некои причини да почне да осцилира или заклатува, тој веднаш ги активира стабилизаторите кои автоматски ја решаваат непожелната ситуација. За сите овие параметри, преку кабинскиот информациски систем, се известува операторот, но не само тој туку и логистичкиот центар кој преку сопствено развиен комуникациски систем може да ги следи сите параметри на поставувачот на цевки.

Современ погонски мотор

Перфектно изолираната и удобна кабина е стандард кој Volvo одамна го има усвоено. Но, вградениот линиски дизел мотор е нешто сосема ново. Шесте цилиндри, распоредени во работен волумен од 7.8 литри, продуцираат 243 КС (1.238 Nm). Сепак, најважно е што моторот ги исполнува најновите еколошки стандарди Tier4 (STAGE IV) што резултира и со ниска потрошувачка на гориво. Силниот мотор овозможува подигнување на товар, кој во зависност на аголот на подигнување, се движи од максимални 31 t до најмалите (работна рака во хоризонтална положба) 7 t. Ако се земе предвид дека оперативната тежина изнесува нешто над 35 t тоа е резултат за почит.