Volvo Tandem Axle Lift

Солистички тандем

Со едноставно решение на кревање на задната тандем оска, камионите на Volvo штедат и до 4% гориво

Градежен камион без задна тандем оска не може ни да се замисли. Но градежните камиони – без исклучок – половина од својот пат поминуваат празни. А тогаш тандем оската само пречи при маневрирањето, непотребно троши гориво, гуми… Затоа и инженерите на Volvo смислија и развија едноставно решение со едноставно име – Tandem Axle Lift. Оваа функција, како што и самото име кажува, овозможува подигнување на задната тандем оска кога таа не е потребна, односно кога камионот вози празен или пак со малку товар. T2015_0491Овој систем освен што ги крева тркалата за 140 mm од површината на патот, автоматски го исклучува и погонот во оската, што е постигнато со замена на диференцијалот во првата погонска оска со запчеста спојка. Како резултат се добива директна заштеда на горивото и до 4% во споредба со возењето со спуштени сите тркала, а значително се подобрени и маневарските способности. На пример, возењето со подигната втора погонска оска го намалува и кругот на вртење за цел метар. Како нус-продукт се јавува и помалото трошење на пневматиците и на системот за ослонување. Плус на сé, кога има потреба од поголемо осно оптоварување заради пролизгување на тркалата на лош терен, со подигнувањето на задната оска се подобрува контактот на тркалата од првата оска со подлогата.

T2015_0489

За овој систем Јонас Одермалм, менаџерот на сегментот за градежништво на Volvo Trucks, ќе каже: „Кревањето на тандем оската е совршено решение за превозите каде условите на подлогата или бруто масите на возилото бараат камион со тандем погон, а во спротивна насока камионот се враќа празен или со многу лесен товар. На лизгави или меки површини возачот може да го зголеми притисокот на првата оска со кревање на втората погонска оска, што резултира со подобар контакт со подлогата и го намалува ризикот од заглавување“.

Не треба да заборавиме и дека возењето со крената тандем оска обезбедува подобар комфор за возачот и помала бучава, што не е за занемарување кога се знае дека градежните камиони половина од работното време возат празни. Исто и вибрациите на управувачот се намалени кога пневматиците од само една погонска оска имаат контакт со патот. При развојот на ова решение, инженерите на Volvo добро си ја имаат завршено работата, така што подигнувањето на задната погонска оска е можно дури и во движење. Целата процедура за подигнување и исклучување на погонот од оската се активира со едноставен притисок на копче на инструмент таблата.
Tandem Axle Lift системот за кревање на тандем оската е достапен кај Volvo FM, FMX, FH и FH16 сериите. Секако, употребната вредност на ова решение не е само во градежништвото, туку секаде каде е потребна флексибилност – од една страна издржлив 6×4, а од друга подвижен 4×2 камион.

T2015_0488