Volvo Trucks влекачи за градежништво

Џинови на тркала

За градежниците киперите со четири оски се закон – тие ништо друго не признаваат, но пред влекачите-кипери симнуваат капа

На прв поглед комбинацијата од влекач и кипер-полуприколка се чини инфериорна во однос на соло-камион со кипер надградба и четири, или пак ако е за поголеми оптоварувања, со пет оски. Но нејзините предности едноставно се недостижни за соло-киперите, во какви и да се конфигурации. Како прво, способностите за маневрирање. Зглобната конструкција, без разлика дали влекачот е со две и три оски, овозможува помал круг на свртување и побрзо напуштање на местото на работа, посебно во нискоградбата. И брзината на транспорт е поголема, бидејќи влекачот е поспособен за тоа. Затоа и ваквите камиони најчесто се среќаваат во возните паркови на изведувачите кои работат на големи проекти, со многу ископ и негов транспорт на подолги релации, како што е случај на пример при изградба на автопатишта.

Заради таа причина компаниите почесто се одлучуваат за влечно возило кое не е во основа наменето за градежнички работи, туку за општ превоз, како што е FH серијата на Volvo – случаите кога поробусниот FMX се набавува како влекач се поретки и тоа се прави кога е потребна поголема робусност и издржливост за работа во потешки услови. Тоа во шведскиот производител доста добро го знаат и на градежниците им нудат можности да го конфигурираат влечното возило тако какво им треба, без разлика дали во основа тоа е главно наменето за транспорт или пак за градежништвото. Така се добиваат конфигурации произлезени од различни основи но со слични карактеристики – разликата е во деталите кои за работа во градежништвото се битни.

Така, кај овие камиони предната заштитна решетка е поцврста и поголема, како и браникот кој е обложен со полипропилен за да издржи речиси сè во што може да удри. Централниот уред за влечење е направен од лиено железо и може да влече до 32 тони, а светлата со штитници се поставени повисоко каде што е помала веројатноста да бидат оштетени. Долната заштитна плоча од 3 милиметри го чува подвозјето недопрено. Задното воздушно ослонување обезбедува 300 mm растојание до патната подлога. Сите суштински делови вклучувајќи ги и сопирачките, се поставени на задната оска.

Бидејќи ефикасноста е од круцијално значење, на неа е посветено големо внимание во секој сегмент. Моторите се оптимизирани со најновите технологии за најефикасно искористување на горивото, без загрозување на перформансите и со грижа за животната средина. Предната погонска оска значи многу при работа во градежништвото, но истражувањата покажуваат дека таа се користи само 2 до 5% од времето. Заради тоа се овие камиони се опремуваат со автоматска контрола на силата на влечење, при што системот автоматски ја исклучува предната оска кога не е потребно таа да биде погонувана.

На ефикасноста битно влијае и I-Shift трансмисијата, која ги максимизира перформансите преку следење и реагирање на оптовареноста на возилото, стрмнината на патот, брзината и забрзувањето. Овој менувач може да ја намали потрошувачката на гориво до 5%, а има интервал на менување на маслото од 450.000 km. Значајна улога има и динамичко управување, чија паметната технологија обезбедува до 85% дополнителна сила на управување и ги отстранува нарушувањата. Кревањето на тандем-оската овозможува исклучување и подигнување на една од погонските оски. Кога оската е крената, камионот се однесува слично на 4×2 или 6×2, резултирајќи со помал радиус на свртување и значително подобрено маневрирање. Тоа исто така може да ја намали потрошувачката на горивото до 3%.

Битно е и влегувањето и излегувањето од кабината, затоа што возачот на градежен камион го прави тоа многу пати во текот на еден ден. Ниското влезно скалило на склопување овозможува тоа да биде побрзо, а неговиот дизајн против лизгање и безбедно. Тенките држачи на ретровизорот даваат одлична видливост напред, а високо поставениот влез за воздух го подобрува погледот при движење наназад. Се нудат четири типа кабини, сите со чисти линии, прегледни инструменти и одлично дизајнирана внатрешност со многу простор. Бојата на ентериерот специјално е развиена да биде отпорна на прашина. Таа е помалку осетлива на дамки, со што е совршена за на градилиште. На инструмент-таблата виталните информации се поставени напред и во центар, а помалку користените команди подалеку. Неколку функции се поместени на рачките во командите вградени во управувачот. Тие се логично групирани според функцијата и лесно се наоѓаат со прстите. Плус на тоа, флексибилните прекинувачи ви дозволуваат да ги одберете функциите што сакате да бидат најблиску до управувачот. Тој лесно се приспособува и нуди изобилство на простор за колената. Возачкото седиште има извонредна поддршка, опсег и место за нозете и може да се нагодува 20 сантиметри напред-назад и 10 сантиметри вертикално.

Сите камиони на Volvo наменети за тешки работи во градежништвото (но и шумарството, рударството и сличните изискувачки дејности) се карактеризираат со цврста и робусна конструкција и можности за издржат големи оптоварувања. Користени се наменски материјали што можат да ги издржат ударите на кои се изложени при работата, додека критичните компоненти се направени да бидат лесно и брзо заменливи, некои дури и на терен без посета на сервис. Кај ваквата работа минималните застои знаат да ја направат разликата меѓу навреме завршена работа и доцнење.