Volvo Vera

Еден поинаков поглед кон иднината на транспортот

Компанијата Volvo Trucks на невообичаен начин ги претстави своите идни транспортни решенија

Не само што е електричен и автономен, туку и нема кабина – со цел да се покаже дека идните комерцијални возила можат многу повеќе да придонесат за ефикасен, безбеден и почист транспорт. Сепак долгорочно гледано цел на компанијата Volvo Trucks е да ја дополни денешната понуда за компаниите кои се доволно храбри да се осмелат да прифатат алтернативни решенија за своите транспортни потреби меѓу фиксни одредишта. Сé започна со конечното сфаќање на фактот дека интензивната урбанизација води кон значајни предизвици за наоѓање решенија за проблемите со заштитата на околината, загушувањето на сообраќајот, загадувањето и прекумерната бучава. Плус на тоа, големата потрошувачка на гориво, брзиот пораст на електронското тргување и изразениот недостаток на возачи поставија нови барања во поглед на ефикасноста на транспортните решенија за кои мора веднаш да се бара одговор.

„Целосниот потенцијал на транспортната индустрија сé уште допрва треба да се открие. Според сите достапни податоци, се чини дека во наредната декада глобалната потреба за транспорт ќе продолжи значително да се зголемува. Ако сакаме да ја задоволиме таа побарувачка на одржлив и ефикасен начин, ќе мора да најдеме нови решенија. А за да го осигураме функционалниот систем на проток на стока, пак, мораме да ја искористиме постоечката инфраструктура подобро отколку што тоа го правиме сега. Транспортниот систем што го развиваме може да биде важно дополнување на денешните решенија и може да помогне во задоволувањето на многу предизвици што стојат пред општеството, транспортните компании и клиентите на кои им требаат транспортни услуги“, вели Клас Нилсон, претседателот на компанијата Volvo Trucks.

Заради сето тоа, ова транспортно решение на компанијата Volvo Trucks за иднината е наменето за редовни и повторувачки задачи на релативно кратки растојанија, големи количини стока и висока прецизност на испорака. Типичен пример се превозите меѓу производните погони во големите технолошки зони, пристаништата и слични локации, но може да се примени и во други случаи. „Нашиот систем може да се посматра како проширување на напредните логистички решенија кои во многу дејности веќе се применуваат. Бидејќи употребуваме автономни возила без емисии на издувни гасови и бучава, нивната работа може да се одвива во било кое време на денот и ноќта. Решението ја користи постоечката патна инфраструктура и приколки, што го олеснува враќањето на трошоците и овозможува интеграција со постоечките активности“, објаснува Микаел Карсон, потпретседателот на Volvo Trucks задолжен за организација на автономните решенија.

Целата работа се обавува со автономни електрични возила поврзани со управувачкиот центар. Тие се опремени со напредни системи за автономно возење. Проектирани се така да ја лоцираат својата моментална положба со точност од неколку сантиметри, детално да ја следат и анализираат ситуацијата околу себе и да реагираат со висока прецизност. Управувачкиот центар постојано ја следи состојбата на терен и прецизно ја контролира положбата на секое возило, наполнетоста на акумулаторите, содржината на товарот, барањата за услугата и другите потребни параметри. Како и во индустриските производни процеси, брзината е прилагодена така да се избегнат непотребните чекања и зголеми прецизноста на испораката. На тој начин може да се намалат трошоците за резерви на залихи и зголеми достапноста на потребните компоненти. Возилата кои работат на истата рута ќе комуницираат меѓусебе за да се овозможи оптимален проток на сообраќајот. План на компанијата е во блиска иднина да се развијат транспортни решенија заедно со клиентите во кои ќе бидат испочитувани нивните приоритетни примени.

Што се однесува до самите камиони, тие како што се гледа се без кабина бидејќи едноставно ќе нема потреба од неа – со нив целосно ќе управува електрониката. Погонската структура може да биде прилагодена на конкретните побарувања, но во секој случај ќе биде електрична. За таа задача Volvo веќе има развиено погонски системи и батерии кои се користат и кај електричните камиони на марката.