Volvo во градежништвото

Сé она што е потребно

Лидерот во иновациите кој постојано поставува нови стандарди кај камионите за градежниците во околината на Прага во Чешката Република ни ги претстави своите новитети за оваа и наредната година


За регионот од Централна и Источна Европа Volvo Trucks организираше настан на кој ги демонстрираше своите новости во сегментот возила наменети за градежништвото, шумарството, рударството и други тешки работи на секакви терени. Во главната улога беа големите Volvo FH и FMX, а на настанот кој се одржа во атрактивниот амбиент на каменоломот Бранжови во близина на местото Лоденице крај Прага присуствуваа околу 600 клиенти што најдобро покажува дека градежната индустрија оживува и е заинтересирана за технологиите за полесно справување со тешките терени. Меѓу нив бевме и ние за од прва рака да ве запознаеме со новите функции со кои располагаат камионите на Volvo кои се само уште еден доказ дека шведскиот производител не отстапува од својата водечка улога во поставувањето нови стандарди во градежништвото.

IMG_3171

Презентацијата се состоеше од два дела – теоретски и практичен. Теоретскиот дел нé воведе во деталите на сите новитети кај возилата за тежок терен што ги нуди Volvo, за информациите во врска со употребата на овие нови функции што ги добивме потоа во вториот дел да ги испробавме на некои од 23-те возила со различни спецификации и опрема специјално подготвени за ваков вид намена. Така, на трите тест патеки имавме можност да ги пробаме динамичкото управување, автоматската контрола на тракцијата, новиот I-Shift систем за трансмисија наменет за тешки услови и уникатниот механизам за кревање на погонската тандем оска. Секако, најголем беше интересот за тестирање на супермоќниот влекач Volvo FH16 750 6×4 опремен со сето набројано, а атрактивен беше и Volvo FMX 450 со мешалка за бетон, кој имаше и специјално засилен преден браник. Па, да започнеме по ред.

IMG_3241Динамичкото управување (Volvo Dynamic Steering) на двојните предни оски на камионите на Volvo сега е достапно и кај возилата во конфигурација за градежништвото. Имајќи предвид дека овие возила обично носат многу тешки товари, предностите за контрола што овој систем му ги дава на возачот се сосема јасни. Со него управувачот не само што автоматски се враќа во почетната позиција, туку и има многу мал отпор при ниски брзини, така што на возачот при маневрирање во тесни простори како што на пример беше каменоломот, не му треба многу напор. Плус на сé, системот кој беше лансиран во 2013 година освен што штеди време, штеди и енергија а ја зголемува и безбедноста. Се состои од електричен мотор кој врши компензација на вибрациите и движењето на управувачот и ја минимизира силата потребна тој да се врти. Во пракса, колку се полоши патиштата и колку се товарите поголеми, тоа подобро се чувствува разликата што ја прави овој систем кој се нуди кај возилата со вообичаените за градежништвото конфигурации 8×2, 8×4 и 10×4.

Друга голема новост е системот за автоматската контрола на погонот (Automatic Traction Control) кој сега е стандарден кај FMX моделите со погонска предна оска (4×4, 6×6, 8×6 и 10×6) и кој обезбедува тракција без компромис, подобри маневарски способности и намалена потрошувачка на гориво. Зборот автоматски значи дека погонот на предните тркала автоматски се вклучува кога е потребен, обезбедувајќи поголема влечна сила. Кога нема потреба, трансмисијата до нив не испраќа вртежен момент и камионот од 4×4, на пример, станува 4×2. На тој начин предните тркала, наместо да влечат, максимално се користат за управување, со што се зголемуваат маневарските способности, а потрошувачката намалува и до 2%. Тестовите на Volvo покажуваат дека со оваа умна солуција предните тркала можат да бидат исклучени од трансмисијата дури и во 95% од времето кога се вози на терен, без ризик од заглавување. Volvo е прв производител на камиони во светот со ваков систем, но клиентите можат да бидат спокојни бидејќи технологијата е наследена од одделението за градежна механизација на шведската компанија, каде е тестиран и во пракса испробан и за најтешките задачи.

IMG_3185

За истата гама возила – FMX со погонска предна оска, е наменет и следниот новитет со кој се запознавме. Станува збор за воздушното ослонување на задната оска кое ја зголемува удобноста во возењето со помалку вибрации и го намалува абењето на возилото. Придобивка од него е и високиот клиренс од 300 милиметри, кој може да се регулира во зависност од тоа дали камионот се вози празен или товарен. Кога сме кај товарот, да напоменеме и дека двојните предните оски на Volvo FAL 20T со класично челично ослонување сега имаат зголемена носивост – од 18 на 20 тони. Ова автоматски носи и подобра распределба на оптоварувањето, што во некои случаи ќе значи дека нема да бидат потребни специјални дозволи за превоз на товар над максимално дозволеното оскино оптоварување. Зголемената носивост на предната тандем оска ќе биде поздравена и од оние кои имаат потреба своите возила да ги опремуваат со дополнителни уреди – кранови, пумпи за бетон и слично.

IMG_3156Подигнувањето на двојната тандем погонска оска (Tandem Axle Lift) е нешто што посебно ќе им се допадне на оние кои своите камиони ги користат на терени полни остри камења. Овој систем целосно ја откопчува и деактивира втората погонска оска и ги подигнува тркала на висина од 140 mm над подлогата, со што се намалува абењето на гумите, просторот потребен за вртење скратува за цел метар, а потрошувачката на гориво спушта и до 4 проценти. Се подобрува и управливоста бидејќи на овој начин еден камион со 6×4 конфигурација, на пример, практично се претора во 4×2. Не треба да споменеме дека ова е голема предност со оглед на тоа дека камионите за градежништвото најмалку 50% од времето возат празни. Системот е креиран така што кога ќе се достигне лимитот за носивост на првата погонска оска, подигнатата втора автоматски се спушта – возачот треба да се грижи само да ја подигне после растоварувањето, што се врши едноставно со притисок на копче на инструмент таблата. Тоа може да се направи и во возење и целиот процес трае околу 15 секунди. Системот е на располагање кај 6×4 и 8×4 возилата кои се опремени со задно воздушно ослонување, влекачи или соло, сеедно.

Најголем интерес кај присутните предизвика најновото од Volvo – автоматската I-Shift трансмисија за бавно возење која е специјално развиена за исклучителна сила на влечење кога се стартува и вози со многу мали брзини. Таа овозможува движење дури и со брзина меѓу половина и два километри на час и влечење товар од 325 тони. Овој уникатен автоматски менувач е на располагање со директен погон и овердрајв. И двете верзии може да имаат додадено еден или два степени на пренос пред стандардниот прв, а исто така е може да се добијат и со уште два екстра степени за возење наназад. Поради високите оптоварувања и отпори некои делови на менувачот се направени од високоотпорни материјали, софтверот е корегиран соодветно, а куќиштето во споредба со конвенционалните I-Shift менувачи е за 12 cm подолго. Овој менувач е достапен за возилата Volvo FM, FMX, FH и FH16 со мотори од 13 и 16 литри. За неговата улога во продуктивноста во работата и ефикасноста во возењето не треба воопшто да се зборува, ниту пак за намалените ризици кога е потребно да тргнува и вози под полно оптоварување со мала брзина, посебно кога тоа е проследено со чести застанувања од било кои причини.

IMG_3228

Оние кои се специјализирани за превоз на тешки товари сега полесно ќе дишат бидејќи на располагање им се и шасии со 5 оски, во конфигурации 10×4 и 10×6. Наменети за носивост до максимални 56 тони, тие овозможуваат конфигурирање на возила кои освен што имаат значително поголема корисна носивост, се одликуваат и со намалено оскино оптоварување. За вакви намени клиентите досега мораа дополнително да вградуваат уште една оска, а сега имаат можност да го добијат камионот таков каков им треба директно од фабрика. Со тоа не само што добиваат возило со целосен интегритет на шасијата, туку ја задржуваат и гаранцијата. Од другите новости треба да се споменат и електронскиот систем за кочење EBS кој сега е на располагање и во комбинација со барабан сопирачки, кој е предуслов за опремување на возилото со повеќе корисни функции како што се динамичкото управување, помошта при тргнување на нагорници, автоматската паркинг кочница, можноста за користење надворешна кочница за испомош на сервисната, растегнатото кочење на приколката на влекачот и слично. Перфекционистите во деталите ќе ги интересира и хидрауличната пумпа со спојка која го исклучува протокот на хидраулично масло кога на надворешното вратило не е приклучен некаков уред, со што се намалува абењето на пумпата и бучавата, а и штеди гориво.

IMG_3157И додека FMX без конкуренција е главен играч во градежништвото, сé повеќе замав земаат и другите модели. Тоа не е случајно – Volvo FL 4×4 на пример е перфектен избор за оние кои возат по тешки терени, но немаат потреба од превоз на големи товари. Типично тоа се сервисните камиони за работа на каменоломите или градилиштата, возилата за одржување на електродистрибутивните компании, специјалните возила за комунална употреба и друго. Сега дури и повеќе – со новата екстра висока шасија која има зголеменото растојание од подлогата напред на 330, а назад на 320 милиметри, овој лесен и подвижен камион кој едноставно се справува со тешките терени доаѓа во три тежински категории од 12, 14 и 16 тони бруто и има пристапен агол од 25 степени, што е голем бенефит при искачување по стрмни падини или избегнување на пречки, додека перманентниот погон на сите тркала со целосно автоматски или мануелен менувач со шест степени и двостепен редуктор му обезбедува подобра тракција. За моделот FH пак е наменета и наизглед не така големата но сепак доста значајна новост – засилениот преден браник за тешки задачи кој досега беше достапен само кај FMX. Направен е од челик со дебелина од 3 милиметри и има кука за влечење која може да се оптовари со дури 36 тони. Неговата триделна конструкција овозможува лесни поправки, а за комплетно намалување на грижите доаѓа во пакет со штитници за светлата. За рударството интересна ќе биде и опцијата за опремување на FH со специјална кабина со челичен заштитен кров. Вкупната висина на возилото со неа е само 3,2 метри, што е постигнато со адаптација на нејзиното ослонување и инсталацијата на предната оска. Адаптирани се и влезните отвори за воздух, додека самата кабина е пониска за 160 милиметри. Секако, кој има потреба може да ја нарача и со стандарда големина. Иако првенствено наменета за употреба во подземните рударски копови, таа е идеална за користење и кај возила со дополнителни уреди сместени зад и над кабината, како што на пример се камионите за превоз на трупци кои имаат вградено дигалка.

Сите оние новини ставени во еден поголем контекст ја покажуваат грижата на Volvo за овој сектор преку обезбедувањето иновативни продукти и услуги кои ја зголемуваат продуктивноста и ефикасноста. Тие за сопствениците на возила ја прават разликата меѓу загубата и профитот, а на нивните клиенти им гарантираат брзо и квалитетно завршена работа со прифатлива цена.

IMG_3179