Прв двокатен автобус со горивни ќелии
► Додека Скопје се одлучи за автобуси на метан, Англичаните ќе се подноват со автобуси со погон на водород
Двокатни, се разбира, од компанијата Wrightbus од Северна Ирска. Нивниот прв ваков производ со погон на водород како прототип веќе неколку години вози низ Абердин и ги помина сите пробни и тест фази. Нарачките за Wrightbus StreetDeck Fuel Cell веќе пристигнуваат од повеќе места – покрај наведениот шкотски град уште и од Лондон и Бирмингем, благодарејќи и на издашната финансиска помош на европската иницијатива за водородни возила JIVE, проект кој има за цел да пласира околу 300 вакви автобуси во 20-тина европски градови. Парите не се мали, бидејќи цената на ваков автобус на водород е висока – Лондон на пример ќе набави најмалку 20 автобуси за кои од програмата JIVE ќе добие околу 5 милиони фунти, а сам и со други донации од домашни извори ќе обезбеди уште најмалку 7 милиони. По тој повод, градоначалникот Садик Кан рече дека сака Лондон да стане водечки град во светот во примена на водородот и електричните автобуси, како поддршка на строгите и тешки мерки за чистење на токсичниот воздух во градот. Тој исто така смета дека со набавката на еколошки чисти автобуси се дава јасен сигнал на другите градови. Во градскиот превоз во Лондон веќе сообраќаат 10 fuel-cell автобуси, 233 електрични, 3.669 хибридни и 5.308 дизел, односно вкупно 9.210 автобуси. Повеќе од три четвртини од нив ги задоволуваат Euro VI нормите, а просечната старост, во зависност од операторот (во Лондон линиите на градскиот превоз ги држат 10 компании), изнесува меѓу 3,2 и 6,1 година. Со исклучок на 10 историски возила од 60-тите години кои сообраќаат само за летните викенди и празниците на една одредена рута, најстарите автобуси (вкупно 8) се набавени 2002 година.
Автобусот Wrightbus StreetDeck Fuel Cell користи горивни ќелии Ballard FcveloCity од 85 kW, погонски систем на Siemens и батериски блок со капацитет од 46 kWh. Овој автобус е долг 10,9 метри и има капацитет за 85 патници, односно 64 места за седење и 21 за стоење. Оперативната автономија со полни батерии и резервоар за водород е 320 km, а можно е вградување и на дополнителен резервоар со кој таа се зголемува на 425 km. Полнењето на резервоарот со водород трае само 7 минути. Работи на принцип во кој водородот во горивните ќелии стапува во контакт со кислородот преку полупропусна мембрана. Притоа се одвива електрохемиска реакција во која молекулите на водород се делат на позитивни протони и негативни електрони. Протоните поминуваат низ мембраната кон катодата, додека електроните остануваат на анодата. Како резултат на реакцијата се добиваат електрична струја, вода и топлина – нема никакви штетни материи, ниту пак издувни гасови. Струјата ги задвижува електромоторите, водата се испушта во атмосферата, а топлината може да се користи за загревање на автобусот во студените денови.
Првите возила ќе бидат испорачани наредната година.