Wirtgen Group се припојува кон Deere & Company
Водечкиот светски производител на машини и опрема за патна инфраструктура Wirtgen Group објави дека е потпишан договор за припојување кон Deere & Company
По повод тоа, Штефан Виртген кој е еден од менаџерите на германската компанија, изјави: „Wirtgen Group има наследство од технологии и иновации со водечки производи на пазарот и силен фокус кон клиентите. Со поглед кон иднината го избравме Deere како наш иден сопственик заради долгогодишниот респект кон нивната организација и нашата апсолутна увереност дека ќе бидат посветени на надградување на успесите на Wirtgen Group и нашите вработени низ целиот свет”. Сето тоа во замена за 4,6 милијарди евра, колку што тежи зделката, што е скоро двојно од годишната вкупна продажба на Wirtgen Group. Оваа германска компанија е присутна на пазарот со неколку премиум марки – Wirtgen, Vögele, Hamm, Kleemann, Benninghoven и Ciber. Сите имаат лидерски позиции во својот сегмент на работење. Wirtgen Group има повеќе од 8.000 вработени и е присутен во стотина земји ширум светот. Во својата прва изјава, од John Deere потврдија дека планираат да ги задржат марките, раководството, производствените дејности, вработените и дистрибутерската мрежа на Wirtgen Group.
Договорената трансакцијата треба да биде одобрена од неколку регулаторни тела и се очекува да биде финализирана во првиот квартал од фискалната 2018 година.